четврток, 12 декември 2024

„Скопски пазар“ од денеска е втор најголем акционер во „Македонијатурист“

„Скопски пазар“ од денеска поседува 9,9% од акциите во „Македонијатурист“ и со овој деловен потег ја претекна „МГ Фешн“ и стана втор најголем акционер во таа компанија.

Објавено на

часот

Сподели

Најголемата скопска компанија за издавање недвижен имот „Скопски пазар“ стана втор најголем акционер во најголемата македонска хотелиерска компанија „Македонијатурист“. „Скопски пазар“ по купувањето на акциите кои „Изо стоне“ ги поседуваше во „Македонијатурист“, сега поседува вкупно 44.500 акции со право на глас во најголемата хотелиерска компанија во Македонија.

Ова е голема и значајна промена во акционерската структура на „Македонијатурист“. Деловниот потег на „Скопски пазар“ во инвеститорската јавност се толкува како транспарентно покажување дека „МГ фешн“ ДОО има конкурент во процесот на окрупување на акционерскиот капитал во „Македонијатурист“.

Доне Таневски и понатаму останува најголем акционер во „Македонијатурист“ и контролира 23,4 отсто од капиталот. Компанијата „Македонијатурист“ во сопствен откуп чува 10 отсто од акциите, но тие согласно законската регулатива се стерилизирани и не носат право на глас, ниту носат дивиденда.

Според познавачите на берзанското тргување Таневски мора брзо да реагира и да избере една од двете страни кои купуваат акции во „Македонијатурист“. Неговата позиција делумно е ослабена откако неговата долгогодишна бизнис партнерка Соња Бибановска минатата недела одлучи да ги продаде своите 11 отсто од акциите.

Во акционерската структура на „Македонијатурист“ покрупни акционери се и отворениот задолжителен пензиски фонд на „Сава“ кој поседува 8,8 отсто од акциите и домашното физичко лице Симеон Павлов кој поседува 8,2 отсто од гласачките права.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ