Повлекувањето на владините сили од провинциите Дара и Суедида следи откако трупи беа испратени во централни области околу Хомс, третиот по големина град во Сирија, бидејќи милитантите се приближија на неговите предградија.
Брзиот напредок на терористичките групи претставува шокантен пресврт за сирискиот претседател Башар ал Асад, кој изгледа главно препуштен сам на себе, додека неговите главни сојузници се окупирани со други конфликти, пишува Асошиејтед прес.
Главниот меѓународен партнер на Асад, Русија, е зафатена со војната во Украина, а поддршката на либанската исламистичка организација Хезболах, која во еден момент испрати илјадници борци да ги зајакне силите на Асад, ослабе во едногодишната војна со Израел.
Силите поддржани од Иран, од друга страна, го губат своето влијание низ регионот поради редовните израелски воздушни напади на таа држава.
Рами Абдурахман, шефот на невладината Сириска опсерваторија за човекови права (која ја следи граѓанската војна), извести денес дека ирански воени советници почнале да ја напуштаат Сирија.
Тој додава дека борците кои ги поддржува Иран во источна Сирија, главно од Авганистан и Пакистан, се повлекле во централна Сирија.
Ненадејниот напад почна на 27 ноември кога џихадистичката група Хајат тахрир ал Шам (ХТС) го зазеде северниот град Алепо, најголемиот во Сирија, како и централниот град Хама, четврти по големина.
Оваа група потекнува од Ал каеда, а Обединетите нации ја сметаат за терористичка организација.
Лидерот на ХТС, Абу Мохамед ал Голани, кажа за Си-ен-ен на 5 декември дека целта на офанзивата е уривање на владата на Асад.
Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека владините трупи главно ги напуштиле двете јужни провинции и дека испраќаат засилувања во Хомс, каде се очекува голема битка.
Ако џихадистите го заземат Хомс, ќе ја прекинат врската меѓу престолнината Хамас и крајбрежниот регион каде претседателот Асад има широка поддршка.
Сириската војска денес соопшти дека спровела преместување на трупите и редефинирање на позициите во Суедида и Дара, откако нивните контролни пунктови биле нападнати од терористите.
Војската додаде дека поставува „силна и кохерентна одбранбена и безбедносна зона во таа област“, за, како што се претпоставува, да го брани Дамаск од југ.
Се очекува во Катар да се одржи средба на шефовите на дипломатиите на Русија и Турција за да разговараат за ситуацијата во Сирија.
Турција е главен сојузник на терористичките групи кои се обидуваат да го урнат Асад.
По денешниот пад на градовите Дара и Суеида, силите на сириската влада и понатаму контролираат пет покраински центри – Дамаск, Хомс и Кунеитра, како и Латакија и Тартус на медитеранскиот брег.
Тартус е дом на единствената руска поморска база надвор од поранешниот Советски Сојуз, додека во Латакија имаат голема воздухопловна база.
Вчера курдските борци на Сириските демократски сили, поддржани од САД, заземаа големи делови на источната провинција Деир ез Зор, која граничи со Ирак, како и истоимениот главен град на провинцијата.
Откако СДФ го заземаа главниот граничен премин со Ирак, а џихадистите ја преземаа контролата над граничниот премин на југ, единствениот излез на Сирија кон надворешните граници е граничниот премин со Либан.