Како што соопштија од Кабинетот на Сиљановска Давкова, на средбата биле разменети мислења за целите и приоритетите насочени кон демократизацијата на македонското општество, човековите права и владеењето на правото.
Реафирмирајќи ја посветеноста за натамошна конструктивна соработка со Советот на Европа, претседателката Сиљановска Давкова изразила задоволство од континураната поддршка за нашето целосно усогласување со европските стандарди и вредности.
Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи важноста од кредибилно постапување на Европската Унија во однос на интеграцијата на земјите од Западен Балкан кога напредокот на поединечните кандидати е евидентно заслужен. Таа се осврна и на неопходното обезбедување усогласеност со обврските што земјите-членки ги презеле, вклучително и правилното спроведување на пресудите на Судот во Стразбур, се наведува во соопштението.
Сиљановска Давкова и Берсе разговарале и за актуелните безбедносни состојби во Европа, со акцент на војната во Украина, како и за потребата од посветеност и заеднички пристап кон сегашните и идните предизвици какви што се влијанието на новите технологии и климатските промени врз човечките ресурси.
На средбата претседателката Сиљановска Давкова упатила честитки до новоизбраниот генерален секретар на Советот на Европа, Алан Берсе, изразувајќи искрени желби за успешно исполнување на важната мисија и продолжување на плодната соработка со македонските институции