недела, 13 октомври 2024

Што значи руското нуклеарно оружје за Белорусија?

Објавено на

часот

Сподели

Пред речиси 30 години од Белорусија во Русија беше префрлено сето нуклеарно оружје. Всушност, не само од Белорусија, туку и од Украина и Казахстан. Тие три земји се откажаа од нуклеарното оружје кое се наоѓаше на нивна територија, и го потпишаа Договорот за неширење на нуклеарното оружје. За возврат другите земји потписнички на тој договор, пред сè САД и Русија, им го гарантираа суверенитетот и територијалниот интегритет.

Тој Будимпештански меморандум е договорен на состанокот на тогашната Конференција за безбедност и соработка на Европа (КБСЕ), денешната Организација за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) во декември 1994.

„Нуклеарната тврдина“ на Советскиот Сојуз

Павел Подвиг од Институтот на Обединетите нации за истражување на разоружувањето (УНИДИР) во Женева за Дојче веле потсетува дека веќе подолго време за разговара за некој нов вид соработка меѓу Русија и Белорусија околу нуклеарното оружје.

Во февруари 2022 во Белорусија беше сменет уставот, беа избришани одредбите за ненуклеарен статус на таа земја, „што отвора легални можности на територијата на Белорусија да се стационираат нуклеарни боеви глави“, истакнува Подвиг.

Судејќи по наводите на воениот експерт Александар Алесин, подготвен е „одреден број носачи на нуклеарно оружје“, и тоа уште пред рускиот претседател Владимир Путин да ја објави својата намисла. Алесин потсетува дека Белорусија во времето на Советскиот Сојуз беше „нуклеарна тврдина“. Таму се наоѓаа околу две третини од сите советски ракети со среден и краток дострел, вклучувајќи боеви глави.

Откако комплетното нуклеарно оружје беше повлечено кон Русија, претседателот Александар Лукашенко не сакаше да ја отстрани соодветната инфраструктура која е потребна за складирање и користење на ракетите. Со време тие објекти почнаа да пропаѓаат, но Алесин не ја исклучува можноста таа инфраструктура да е сè уште во колку толку употреблива состојба: „Можно е да се модернизираат објектите кои се колку толку зачувани, да се прилагодат за да може да се складира нуклеарното оружје“.

Бомбардери и „Искандер“

Според Путин, Русија за Белорусија подготвува десетина авиони кои можат да носат и нуклеарно оружје, вели Алесин: „Најверојатно станува збор за бомбардери од советско производство“. Според него, Белорусија во 2011 година имала 35 бомбардери Су-24, неколку други бомбардери, како и летала за извидување. Откако Белорусија се откажа од нуклеарното оружје, од тие авиони била извадена целосната електроника потребна за контрола на вооружувањето во случај на можна акција. Бомбардерите се „пензионирани“ во 2012 година и од тогаш се во магацин. Неколку му се продадени на Јужен Судан.

„Но очигледно е дека на Белорусија ѝ останало одредени количество, и тие авиони се модернизирани во руски Сухој“, додава Алесин.

Белорусија располага и со ракетни системи од типот „Искандер-М“, кои имаат такви технички спецификации да можат да носат и нуклеарни боеви глави.

Дали се прекршени важечките договори?

Белорусија и Русија се земји потписнички на договорот за неширење на нуклеарното оружје. „Не станува збор за предавање нуклеарно оружје на Белорусија. Таа пракса на складирање атомско оружје на територијата на некоја друга земја, односно обука на персонал од таа земја за да може да се грижи за него, постои уште од средината на шеесеттите години, и од страна на САД и на НАТО. Генерално се смета дека таквата пракса не се коси со договорот“, објаснува Подвиг.

И Советскиот Сојуз, додава, го делеше тоа мислење. А НАТО, вели Подвиг, таа пракса ја продолжува ден денес. Американско нуклеарно оружје е стационирано, на пример, во Германија, Холандија, Белгија, Италија и Турција.

Експертот напоменува дека Кремљ од средината на минатата деценија ја смени својата позиција, и јасно порача дека од руски аспект стационирањето нуклеарно оружје во други земји, и обуката на персонал се коси со одредбите на договорот за неширење. „Таа позиција е многу пати официјално потврдена. А на 25 март беше соопштено дека Русија ќе прави сè што прават и САД, и дека тоа нема да претставува кршење на обврските“.

Какви се ризиците за Белорусија?

„Тој потег нема ни на Белорусија а ни на Русија да им донесе поголем степен на безбедност. Тоа е политички сигнал за јакнење на сојузот меѓу двете држави, и така би требало на тоа да се гледа“, смета Подвиг. Според него, не се создаваат некои нови ризици.

„Ќе постои уште еден дополнителен нуклеарен магацин, и не можеме да ја исклучиме можноста тој да остане празен. Можеби нема ни да биде цел на некаков ракетен напад или некоја слична акција. Не би требало непотребно да се драматизира целата ситуација“.

Политикологот Артиом Шрајбман, меѓутоа, верува дека Белорусија би можела да стане цел – ако војната меѓу Русија и Украина се претвори во конфликт меѓу Русија и НАТО. Тој освен тоа заклучува дека со стационирањето нуклеарно оружје во Белорусија, настанува нова воена база или нов руски контингент во таа земја. Со ширењето на руското присуство дополнително ќе се засили воената интеграција на Москва и Минск, а последица би било дополнително продлабочување на западната изолација на Белорусија.

„Во тој случај би било потешко да се оправдува зошто санкциите кон Белорусија останаа поблаги од санкциите воведени против Русија“, смета експертот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ