среда, 4 декември 2024

Што може да очекува Македонија од победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД?

Извесната победа на Доналд Трамп, кандидатот на Републиканската партија на претседателските избори во САД, ги активира речиси сите лидери на државите во светот да го приспособуваат курсот на својата надворешна политика во односите со оваа глобална суперсила, според политиките што ги најавуваше старо-новиот американски претседател.

Објавено на

часот

Сподели

По првичните информации од американските медиуми за водството на Трамп во пребројувањето на гласовите по изборниот ден, во Македонија почнаа погласно да се изговараат прашањата – што значи оваа негова победа за Македонија , односно какви односи би требало да се воспостават од македонските власти во новиот претседателски мандат на Доналд Трамп?

Со оглед на искуствата од претходниот претседателски мандат на Трамп, на сите (гео)политички чинители во светот, па така и на македонската држава, се претпоставува дека на некој начин може да се предвиди како треба да се воспостават и да се градат односите со администрацијата на новиот американски претседател. Кога станува збор за Македонија, ноторен факт е дека во време на неговиот претходен мандат беше креиран, посредуван и потпишан Препсанскиот договор (за кој САД имаа активна улога), со кој земјава доби дополнителна географска одредница во името, за да се придружи во „семејството на НАТО“, но и многу нови предизвици од идентитетски карактер за нацијата и за државата.

Нека му е со среќа на Трамп и дај боже да продолжи со практиката од претходниот мандат да не почнува нови војни во светот. Дај боже да направи сè што може за да прекине украинската трагедија , која е всушност војна меѓу САД и Русија, а Украина е колатерална штета.

Што се однесува до Македонија, можеме да бидеме уверени дека нема да има никакви промени во политиките спрема нашата земја. И не само спрема нас, туку и спрема целиот Балкан. Тоа не е тема со која се занимаваат американските претседатели, туку проблем со кој се занимава државниот секретаријат. Наша задача е да влијаеме на тие политики, борејќи се за сопствените интереси. Досега, тоа не беше случај. САД ни ја кроеше судбината, а ние тоа го примавме здраво за готово и не се обидувавме да влијаеме на каков било начин. Да не забораваме дека главен фактор на Балканот се САД и тие ја одлучуваат судбината на сите“, се првите согледувања на искусниот поранешен македонски дипломат, Ристо Никовски за перспективата на македонско-американските односи во новиот предтседателски мандат на Доналд Трамп.

Поранешниот македонски амбасадор во САД, Васко Наумовски, не очекува драстична промена на досегашната американска политика спрема Македонија, но очекува можен засилен ангажман на новата администрација за затворање на отворените прашања на Балканот, кои САД ги гледаат како пречка за проширување на ЕУ.

Од победата и новиот претседателски мандат на Доналд Трамп во САД не би требало да се очекува драстична промена на американската политика спрема Македонија, пред сè зашто немаме отворени прашања меѓу двете држави. Можеби би имало некакво индиректно влијание од потезите што би ги влечела новата американска администрација за завршување на руско-украинската војна и решавање на кризата на Блискиот Исток. Но исто така, може да има и засилен ангажман на новата администрација на Трамп за затворање на отворените прашања на Балканот, за кои ценат дека се пречка за проширувањето на Европската Унија“, вели поранешниот македонски амбасадор во САД, Васко Наумовски.

Од друга страна, како позитивна стратна позиција во градењето на односите на македонските власти со новата американска администрација се гледаат неколкуте средби на актуелниот македонски премиер Христијан Мицкоски со Ричард Гренел, еден од личностите со очигледно највисок степен на доверба во тимот на Трамп. На Гренел му се предвидуваат високи позиции во администрацијата на САД, што ќе се формира во новиот претседателски мандат. Всушност влијателниот американски медиум „Њујорк тајмс“ прогнозира дека токму Ричард Гренел ќе биде новиот државен секретар на САД, своевиден министер за надворешни работи, човекот кој ја креира надворешната политика на САД. Мицкоски и Гренел имаа две средби во неколкумесечниот мандат на македонскиот премиер – една летово во Вашингтон, а другата во премиерскиот кабинет во Скопје. Тие средби, од сегашната позиција на извесниот претседателски мандат на Трамп, се толкуваат како добар сигнал за Македонија.

Контактите кои сегашната македонска власт ги имаше со Гренел, еден од важните луѓе во тимот на Трамп, секако се позитивни во дадената ситуација. Меѓутоа, визиите, плановите и акциите на Вашингтон во регионот, а особено кај нас, мора да се расчистуваат директно, зашто тие честопати не водат сметка за аспирациите на македонскиот народ“, оценува амбасадорот Ристо Никовски.

Уште на почетокот на премиерскиот мандат на Христијан Мицкоски во јули, годинава, тој имаше и средба со некои блиски деловни соработници на тогаш американскиот републикански кандидат Доналд Трамп, кога изјави дека неговата влада е заинтересирана за соработка со нив.

Мицкоски во Скопје се сретна со Крис Павловски, извршен директор на корпорацијата „Рамбл“ (Rumble), со Хауард Лутник, извршен директор на финансиската корпорација „Кантор Фицџералд“ (Cantor Fitzgerald) и со Давид Нунес, поранешен калифорниски конгресмен и актуелен извршен директор на „Трамп медиа“ (Trump Media & Technology Group).

Во контекст на придобивките на Македонија од новиот претседателски мандат на Доналд Трамм, оптимистички се и согледувањата на професорот и поранешен амбасадор Наумовски за улогата на веќе воспоставените релации со Ричард Гренел.

Добро е што имаме воспоставено како држава, односно македонската влада, комуникација со тимот на новиот претседател на САД, Трамп, како со еден од претендентите за висока позиција во администрацијата што треба да се воспостави од јануари, 2025. Тоа секако ќе придонесе за полесно и поблиско воспоставување и на односите на официјално ниво на македонската влада со новата американска администрација“, смета Васко Наумовски.

Јасминка Павловска

Кој е Ричард Гренел?

Почетоците на Ричард Гренел во американската политиката, но и во бизнисот се врзуваат со турбулентниот период од почетокот на милениумот, особено по нападите на 11 септември 2001 година во Њујорк. Работел како портпарол во мисијата на САД во Обединетите нации во Њујорк, меѓу другото, и во периодот кога шеф на мисијата е Џон Болтон, кој подоцна стана советник за национална безбедност на Доналд Трамп, но набрзо се разидоа со тогашниот американски претседател.

Во годините на администрациите на Барак Обама, Ричард Гренел формира компанија за комуникациски услуги со портфолио во Кенија, Конго, Молдавија, Авганистан. Во 2016 година станува и коментатор на телевизијата „Фокс“ која отворено застана во поддршка на првата кандидатура на Трамп за претседател на САД. Со доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа започнува институционалниот подем на Гренел, прво како амбасадор на САД во Германија, потоа и како специјален пратеник на американскиот претседател Трамп за Балканот. Нему му се припишуваат извештаите во кои се заговара размена на територии како начин за решавање на односите меѓу Белград и Приштина, иако тоа беше официјално демантирано.

Во 2020 година Гренел доаѓа на позицијата в.д. директор на Националното разузнавање, која му овозможува координаторска улога на 17 разузнавачки агенции на САД.

По победата на Џо Бајден, Гренел не го заборава Балканот. Беше присутен во регионот, но во економска смисла, преку инвестиции во недвижности во Србија и Албанија. За него се сметаше дека е пренесувач на пораките на Доналд Трамп во регионот.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ