сабота, 25 јануари 2025
Кристина Пота Радуловиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Што е она што можам да го направам сега?

Ние го имаме само сегашниот момент. „Сега“ е единственото време што го имаме, независно од тоа колку години имаме и какви искуства досега сме стекнале. Го имаме само овој момент во кој можеме нешто да направиме и во тоа сме сите еднакви. Она во што меѓусебно се разликуваме е тоа што го правиме сега, во единственото време што го имаме.

Токму сега, сите се наоѓаме во некој период и момент во нашиот живот. Некои од нас се чувствуваат мирно и исполнето, постигнале некои свои важни цели и ја живеат промената кон која тежнееле и која ја постигнале. Се адаптираат на ново секојдневие и нови содржини. Сретнуваат и запознаваат нови луѓе. Разговараат за нови теми, дознаваат нови работи, учат нови содржини. Преземаат и прифаќаат нови иницијативи. Се испробуваат себеси во нови искуства, учат нови знаења, совладуваат нови вештини. Лицето им е ведро, а чекорот лесен. Нивниот сегашен живот многу се разликува во однос на нивниот живот од пред година дена.

Други се чувствуваат загубено, вчудовидено и неснајдено. Не им се допаѓаат многу работи, не се среќни со многу нешта и би сакале нивното секојдневие да изгледа поинаку. Знаат и како, умеат да кажат и што сакаат, и што ги боли, но некако остануваат на тоа, остануваат на исто. Не се помрднуваат од точката во која се наоѓаат. Мрдаат, но не се помрднуваат. Нивното секојдневие е збир на познати рутини, а во отсуство на нови содржини, прераскажуваат спомени, минати искуства и тривијални настани. Како да се обидуваат од старата содржина да создадат нова и да се огреат на некое сонце од сеќавањата и спомените, онакво какво што го паметат. Не стекнуваат нови искуства, не одат на нови места, не учат нови знаења, не усвојуваат нови вештини и не запознаваат нови луѓе. Како секое утро да се разденува ист ден, како сѐ да е исто. Времето – тоа се листови во календарот што се менуваат додека тие стојат во место.

Како и да се чувствуваме, сегашниот момент е единственото време кога сме живи. Единствено време кога постоиме, кое го имаме и кога можеме нешто да направиме. Едноставна и јасна вистина, која дел од нас не ја гледа, не е свесен, не ја препознава и пропушта. Тоа го препознаваме по несвесната одлука да чекаме: „Сѐ додека нешто не се случи, јас нема да…“ или „Сѐ додека не се промени тоа и тоа, јас нема да…“. А дотогаш? Како го исполнуваме тоа чекање, што правиме? Не е вистина дека не правиме ништо, тоа не постои. „Јас не правам ништо“ не постои, тоа е невозможно. Ние во секој момент нешто правиме, само е прашање што правиме и каде се водиме себеси со тоа. Кога „не правиме ништо“, тоа најчесто значи дека се ангажираме во мноштво пасивни однесувања од кои ни е уште полошо, но од кои црпиме бар некое моментално задоволство во обид да го сузбиеме незадоволството со ситуацијата во која се наоѓаме.

Сосема спротивен ефект има ако се сконцентрираме на своето незадоволство наместо да се обидуваме да го сузбиеме. Ние сме незадоволни со причина и „сузбивање“ на незадоволството значи „сузбивање“ на себе. Како да си кажуваме себеси: „Ајде веќе и ти, тргни ми се веќе еднаш“. Кога некој друг вака би ни одговорил откако за нешто сме му се обратиле, ние би се побуниле поради ваквиот третман, а тоа е токму она што си го правиме себеси кога се препуштаме на пасивни однесувања со очекување „да ни се тргне“ незадоволството. Со затрупување со различни содржини и стимули нема да го сузбиеме незадоволството, туку ќе се случи токму спротивното – ќе бидеме уште понезадоволни.

Незадоволството бара да биде видено за да се реши и исчезне. Тоа нема да исчезне само, ние ќе го решиме. На спротивниот крај на континуумот од „Ајде веќе и ти, тргни ми се веќе еднаш“ е „Сега сакам да видам како се чувствувам“ и „Сега сакам да видам што ми е потребно“. Тоа е почеток. Да го насочиме своето внимание на она што најсилно го привлекува и да ја задржиме својата концентрација. Терапија со концентрација е и првобитното име на Гешталт-терапијата и нејзина централна идеја. Да го фокусираме своето внимание и да ја задржиме својата концентрација на она што е појавно. На она што се појавува, на она што го гледаме. Сѐ е на самата површина. Така почнуваме да го решаваме она што нѐ мачи, наместо да го оттурнуваме од себе. Со оттурнување се вкопуваме во место, со решавање одиме понатаму. Што е она што сме спремни да го направиме сега?

Кристина Пота Радуловиќ

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Ало Америка, природата не знае да глуми

Александар Донски

Пророштвата на Нострадамус посветени на Македонија и на Македонците

Светлана Јовановска

Реакционерната интернационала тропа на европските порти

Јове Кекеновски

Кaлешиот Костадин Костадинов – самонаречен „Татко на нацијата“

Зелен хуман град

Гaсот ниту е преоден, ниту е решение, гасот е дел од...

Билјана Ванковска

Падовите и подемите на левицата во Македонија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ