Од 2020 година, проектот на здружението „Градови со иднина“ сместил 25 семејства, исклучиво странци, во 19 градови во провинциите Гвадалахара, Куенка, Мадрид и Сарагоса, пренесува Ел паис.
Хуан Гоцо од Венецуела се преселил со својата партнерка Мариела Орта и нивниот шестгодишен син Пјетро во Сируелос дел Пинар, шпанско место со само 30 жители.
Гоцо е адвокат, а Орта стоматолог, но се согласиле да почнат нов живот во Шпанија и да водат бар во тоа место. „За нас, сè што ни беше понудено беше многу подобро од тоа што го имавме“, признава Гоцо.
„Обично им наоѓаме на луѓето работа, куќа, им ги плаќаме трошоците за првиот месец за живеење, како и депозит. Исто така ги координираме децата за училиште и дури им даваме микрокредити на семејствата“, објаснува Пас Ниела, членка на организацијата „Градови со иднина“.
Во замена за работењето на барот, кој во најпрометните денови опслужува 25 луѓе, општината на Гоцо и Орта им дава куќа на располагање.
„Ќе направиме сè што можеме за градот да не умре“, ветува претседателот на општината Хесус Салгадо.
Од 1900 година, шпанската популација, која сега достигнува 47,6 милиони жители, пораснала за 2,5 пати, но не рамномерно во целата земја.
Во последната деценија, три од четири општини во Шпанија го изгубиле своето население, се наведува во документ на Генералниот секретаријат за демографскиот предизвик.
Студијата „Депопулацијата на внатрешна Шпанија“, која во 2021 ја подготви аналитичкиот центар Функас, заклучува дека најпогодени се Кастиља и Леон, Арагон, Кастиља-Ла Манча, Екстремадура, Ла Риоха, внатрешноста на Галиција и источниот дел на Андалузија.