Клаудија Шејнбаум, првата жена на чело на Мексико во историјата, не го покани шпанскиот крал на својата претседателска инаугурација, откако тој не се извини за колонијалните освојувања на Шпанија, иако актуелниот мексикански претседател Мануел Лопез Обрадор го побара тоа од него.
Кога сфатија дека кралот не е поканет, Шпанците одговорија со целосно повлекување од церемонијата на инаугурацијата. Во писмото објавено во средата, пренесено од Ел Паис, Шејнбаум порача дека „Мексико и Шпанија имаат силно пријателство“, но додаде дека на пријателството ќе му користи прифаќањето на „нова перспектива“, пишува Политико.
Сè уште се дебатира за шпанското освојување на територии кои денес му припаѓаат на Мексико. Тензијата околу таа тема беше обновена во март, кога Обрадор, популарен левичар кој ќе ја напушти функцијата на крајот на септември, побара од кралот Филип Шести да ги признае злосторствата извршени од Шпанија за време на освојувањето и да се извини за нив.
За време на вчерашното телевизиско обраќање, Обрадор ја потврди својата поддршка за Шејнбаум, која исто така ќе биде прва личност со еврејско потекло на чело на Мексико. „Тие се однесуваа со многу ароганција, никогаш не одговорија на официјално писмо полно со почит“, рече Обрадор, мислејќи на постапките на Шпанија.
Голем број земји од Латинска Америка и Африка ќе испратат свои лидери на инаугурацијата. Претставници ќе испратат вкупно 105 земји, меѓу кои и САД, чија делегација ќе ја предводи првата дама Џил Бајден.
Поканети се и украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин, иако вториот најверојатно нема да присуствува со оглед на тоа што Мексико е член на Меѓународниот кривичен суд, кој во моментов има налог за негово апсење.