„Фридрих Мерц доаѓа на власт за да го иницира почетокот на крајот на Европската унија. Со своите постапки, тој го уништува гордото наследство на своите демохристијански претходници Конрад Аденауер, Хелмут Кол и Ангела Меркел“, рече Олаф Шолц, напаѓајќи го Мерц за својот обид да постигне законодавни мерки за ограничување на миграцијата со помош на десничарската Алтернатива за Германија (АфД).
Шолц го обвини Мерц, лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и кандидат за канцелар на демохристијаните, дека ги крши законите на ЕУ и „ја загрозува интеграцијата на Европа“ со форсирање на своите закони со кои ќе се затворат границите на Германија.
„Граѓаните на Германија сега знаат дека Мерц е подготвен да соработува со овие овде само за да ги победи своите демократски противници“, рече Шолц, укажувајќи на делот од Бундестагот каде што седат пратениците на АфД.
Мерц го обвини Шолц дека непотребно ги заплашува граѓаните со своите тврдења за соработката меѓу Унијата ЦДУ/ЦСУ и АфД. „Реков и повторувам: нема да има никаква соработка со АфД“, рече Мерц.
Кандидатот за канцелар на Унијата ЦДУ/ЦСУ, која има најголеми шанси за победа на изборите, им понуди соработка на демократските партии по 23 февруари за да ги „оневозможи екстремистите од десниот и левиот политички спектар“.
Мерц го обвини Шолц и неговата коалициска влада, во која покрај социјалдемократите, учествуваа и Зелените и Либералите, дека ѝ наштетиле на Германија на економски план. „Оваа влада зад себе остава катастрофа на пазарот на трудот… Шолц, вие не разбирате што се случува околу вас“, рече Мерц.
Тој го обвини актуелниот канцелар дека не ја спроведе целосно ни најавената суштинска промена во безбедносната политика.
Според анкетите на нешто помалку од две недели пред предвремените парламентарни избори, Унијата ЦДУ/ЦСУ е во убедливо водство со поддршка од околу 30 отсто од гласачите. Следуваат АфД со 20 отсто, а СПД и Зелените со околу 15 отсто.
Неизвесен е влезот на Либералите, партијата Левица и новооснованата лево-популистичка алијанса Захра Вагенкнехт во Бундестагот.
Во изборната кампања доминираат миграциските прашања, а плановите на Унијата ЦДУ/ЦСУ за построги правила за имиграција, кои вклучуваат забрана за влез во земјата на сите нерегуларни мигранти, вклучително и оние кои имаат намера да поднесат барање за азил, наидуваат на поддршка од мнозинството граѓани.