Претседателката на Комисијата, проф. д-р Родна Живковска, вели дека ја утврдиле листата со шест кандидати и дека сите шестмина кои се пријавиле доставиле сѐ што е потребно за да учествуваат во трката за избор на ректор за мандатниот период 16 септември 2023 – 15 септември 2026 година.
„Констатиравме дека сите имаат доставено согласност за комуникација (контакт), дека имаат пријава, имаат програма, биографски податоци, библиографски единици, избор за редовен професор и државјанство на Македонија“, рече Живковска.
Според Роковникот, до 9 мај ќе трае рокот за приговори, кои не се очекуваат со оглед дека се прифатени пријавите на сите шестмина што конкурираа. На 10 мај на веб-страницата на УКИМ (ukim.edu.mk) треба да бидат објавени програмите за работа и биографиите на кандидатите.
Гласањето на факултетите и институтите во состав на УКИМ ќе се спроведе на 30 мај кога се очекува да биде избран новиот ректор на Скопскиот универзитет. Тој треба да го наследи актуелниот, проф. д-р Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, кој беше ректор во два мандата.