Финансиската помош на Европската Унија „е многу поголема во реална смисла од кој било Маршалов план по Втората светска војна во смисла на процентот на поддршка на БДП“, кажа Рено Басо за Политико.
Француската функционерка алудираше на големиот инвестициски план на американскиот државен секретар Џорџ Маршал за поддршка на реконструкцијата на 16 земји, главно во Западна Европа, на крајот на 1940-тите.
Брисел и Вашингтон се најголемите финансиски поддржувачи на Украина, испраќајќи му на Киев 27,5 односно 22,9 милијарди евра до крајот на минатата година.
Факт е дека 50 отсто од украинскиот буџет се финансира однадвор, кажа рено Басо и додаде дека очекуваното финансирање на Украина од 18 милијарди евра во 2024 претставува речиси десетина од проектираниот БДП на земјата од 186 милијарди евра.
Брисел и Вашингтон во последно време се соочени со сериозен отпор на јавноста Украина да се финансира од нивните национални буџети.
Лидерите на ЕУ на почетокот на февруари одобрија 50 милијарди евра за финансирање на Киев до 2027 година. Американскиот претседател Џо Бајден едвај оваа недела успеа да го протурка пакетот за воена помош за Украина.
Рено Басо наведе и дека развојната банка го зголемила својот капитал за четири милијарди евра за да ја засили поддршката на Украина без да ги намали другите програми. ЕБРД веќе ѝ обезбедила 3,8 милијарди евра на Украина од почетокот на конфликтот преку заеми, а се обврза да ја зголеми поддршката кога конфликтот ќе заврши.