петок, 13 декември 2024

Северна Кореја го ратификуваше договорот за одбрана со Русија

Северна Кореја го ратификуваше договорот за одбрана со Русија, со кој е запечатено нивното зближување поради руската војна во Украина, објави денеска севернокорејската агенција КЦНА.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Договорот беше ратификуван во форма на декрет потпишан од севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во понеделникот, додаде КЦНА.

Рускиот претседател Владимир Путин го потпиша договорот за меѓусебна одбрана, објави Кремљ минатиот викенд.

Договорот го формализира повеќемесечното продлабочување на безбедносната соработка меѓу двете земји, комунистички сојузници за време на Студената војна.

Русија и Северна Кореја се зближија со почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година.

Според украинските власти, околу 11.000 севернокорејски војници веќе се распоредени во Русија и почнале да се борат против Украинците на руска територија, во областа Курск. Мал дел од таа област беше окупирана од украинските сили во офанзивата што започна во август.

Хонг Мин, експерт од јужнокорејскиот институт за национално обединување, оцени дека Пјонгјанг и Москва ќе бараат легитимитет на распоредувањето на севернокорејската армија во Русија и ќе потврдат дека оваа акција е оправдана врз основа на ратификуваниот договор.

Според него, договорот укажува на „дополнително и потенцијално поголемо распоредување севернокорејски војници во Русија“.

Севернокорејската министерка за надворешни работи Чое Сон Хуи неодамна ја посети Москва, каде што рече дека нејзината земја „ќе стои цврсто до руските другари до Денот на победата“.

Таа офанзивата против Украина ја нарече света борба.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ