петок, 21 март 2025

Сем Вакнин: Трамп сака да се здружи со Русија и да тргне против Кина – цената ќе ја платат Украина, ЕУ и НАТО

Безбедносната конференција во Минхен, која се одржа изминатиов викенд, се чини беше првото директно соочување на лидерите на ЕУ со намерите и целите на администрацијата на САД, всушност на претседателот Доналд Трамп, за безбедносните, економските и политичките релации со Европа и нејзините проблеми. Главниот фокус беше на плановите за мировен договор за окончување на војната во Украина, која Русија ја води веќе три години. Намерите на САД ги пренесе заменик-претседателот Џеј Ди Венс, кој практично ја исклучи ЕУ од преговорите. Геополитичкиот аналитичар Сем Вакнин во интервју за МКД.мк проценува дека со повлекувањето на САД од Атлантскиот сојуз, Европа ќе биде принудена да се вклопи во сферата на влијание на Русија и да ги зајакне економските врски со Кина.

Објавено на

часот

Сподели

Што значи исклучувањето на ЕУ од мировните преговори меѓу САД и Русија за Украина? Што значи за самата Унија, но и генерално за контурите на новиот светски поредок?

-САД се свртеа од Европа кон Пацификот веднаш по Студената војна. САД отсекогаш биле пацифичка сила. Атлантската алијанса е остаток на аберација во историјата на САД, откако беа принудени двапати неволно да интервенираат во Европа во период од 30 години (1917-1945).

Трамп сака да се здружи со Русија и (со повторно вооружената Јапонија) да тргне против Кина. Кина и Русија се историски непријатели. Би имало смисла да се разделат овие две сили, Кина и Русија, и со тоа тој да владее со геополитичката сцена, барем уште малку.

Украина првично ќе ја плати цената. Но така ќе биде и со Европа. Од Трамповата Бела куќа се појавува една нова глобална безбедносна архитектура. Трамп прифаќа дека цела Европа е природна сфера на влијание на Русија. Неговиот главен фокус е на Кина. Се појавува нова рамнотежа на силите, која потсетува на поредокот во постнаполеонската Европа.

Украина е само последна во низата привидни сојузници предадени од САД. Кога САД направија увертира кон Кина во 1970-тите, го жртвуваа Тајван. ЕУ и НАТО се следните во редот за напуштање, а исто така и Израел, многу побрзо отколку што сите очекуваат.

Може ли сите овие поместувања предизвикани главно од новата администрација на САД и новиот претседател, Доналд Трамп, да прераснат во некое ново воено жариште?

-Да, но не во Европа. Неизбежно е дека САД и Кина ќе се судрат воено, дали директно или преку индиректна војна (ремилитаризираната Јапонија), а не само за Тајван.

Дали сите овие резови се позитивни во однос на редефинирањето на новата светска мапа?

-Секогаш кога старите империи и суперсили (како што се Британската Империја и САД) опаѓаат и се појавуваат нови (како Кина), постои неизбежен период на геополитичка нестабилност, кошкања и конфликти. Но, на долг рок, Трамп е нов поборник на реалполитиката на Кисинџер и тоа навестува долг период на стабилност и мир во светот.

Постои ли во ЕУ потенцијал за партнерство со САД, според „новите правила на игра“, кои очигледно ги диктира новата администрација на САД? Односно, постои ли потенцијал во ЕУ самата да излезе на крај и да донесе мир во руско-украинската војна, според целите и визиите за исходот што го има замислено?

ЕУ, НАТО и Европа веќе не се релевантни. Европа е посиромашна од САД, а и Кина ја претекнува. Европските војски се смешни. Европа е силно зависна од Русија за нејзините енергетски потреби. Со повлекувањето на САД од Атлантскиот сојуз, Европа ќе биде принудена да се вклопи во сферата на влијание на Русија и да ги зајакне економските врски со Кина.

Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, им кажа на лидерите на ЕУ дека најголемата закана за Европа не доаѓа од Русија или од Кина, туку однатре – од напуштањето на суштинските вредности и начела. Македонија дваесетина години се бори и се докажува со ЕУ, која очигледно функционира со двојни стандарди, со напуштени основни принципи. Дали оваа порака на Венс би имала отрезнувачки ефект во ЕУ, кој би се одразил позитивно на проширувањето, но без билатерални уцени врз кандидатите, туку исклучиво според базичните принципи на ЕУ?

-Како што велам од 1996 година, ЕУ никогаш немала намера да ги апсорбира осиромашените и хаотични политики на Балканот. Сега, кога Русија се појавува како доминантна сила во Европа, Балканот ќе стане клиент-регион под нејзино влијание.

Говорот на Венс немаше никаква врска со „вредностите“: тоа беше обид да се зајакнат политичките богатства на екстремно десничарските движења во Европа и изборните шанси на конзервативните партии во земји како Обединетото Кралство. Тоа беше типично американско бесрамно и нелегитимно мешање во внатрешните работи на другите национални држави.

                                                                                    Јасминка Павловска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ