„Не знам зошто се драматизира Законот за бранителите. Ова е седми пат, законот е донесен 2002 година, 2005, 2007, 2009, 2013, 2015 и сега мислам дека не е моментот да се разговараат такви теми. Таа точка сега за сега нема ни да се третира, нема ни да помогне. Ништо трагично, зошто толку драматизираат? Овие партии што се опозициски, посебно албански, сите имаат изгласано шест пати таков закон, така што мислам дека не е моментот за тоа да се разговара“, одговори Таравари на прашањето дали со коалицијата ќе разговара за овој закон.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја повтори поддршката за бранителите и рече дека претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Илире Даути треба да го стави на дневен ред Предлог-законот за бранители. Истакна и дека со „Вреди“ не разговарале за законот.
„Не сме разговарале на таа тема, многу јасно сме го соопштиле нашиот став во минатото. Бранителите ја имале, ја имаат и ќе ја имаат мојата поддршка“, изјави Мицкоски.
Законот за бранители на предлог на пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска доби поддршка да се носи по скратена постапка во рамки на 14. собраниска седница.