вторник, 8 октомври 2024

СДСМ: Или да оди во редовна процедура или Законот за заем од Унгарија нема да се најде пред собраниската комисија за финансии

Пратениците на СДСМ бараат да се повлече предлог законот за заем од Унгарија по скратена постапка и тој да се носи во редовна процедура, за него да се организира дебата со вклучување на експертската јавност. Ако не, изјави денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче, предлог законот нема да биде ставен на дневен ред на собраниската Комисија за финасисрање и буџет со која што претседава Сања Лукаревска. Премиерот Христијан Мицкоски пак, денеска изјави дека е информиран дека постои можност за опструкција на работата на Комисијата за финансирање и буџет, но порача дека „власта има задача да го зачува достоинството на институцијата и да обезбеди средства за развој за компаниите и за општините“.

Објавено на

часот

Сподели

Пратеникот и лидер на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција во Собранието побара законот да се донесе во редовна постапка, да се организира јавна дебата и да се носи согласно Деловникот според кој, ако претседателот на работното тело не свика седница кога е должен тоа да го стори или ако работното тело нема претседател, седницата ја свикува претседателот на Собранието кој го одредува и претседавачот до завршување на седницата. Во кој рок тоа треба да е направи, во Деловникот не е прецизирано.

Филипче кажа дека претседателката на Комисијата за финансирање и буџет Сања Лукаревска нема да го стави на дневен ред законот за заемот.

„Во услови кога за првпат државата се задолжува директно од некоја друга држава, кога не постојат јасни критериуми и механизми за распределба на земените пари, кога не постои јасно утврден систем за контрола на трошењето на парите, кога нема јасни одредби во законот кои тоа го гарантираат, кога има точки каде се кријат скриени трошоци кои не се јасно изразени, за СДСМ е крајно недозволиво да се носи овој закон по скратена постапка“, рече Филипче.

Според него, со носењето на законот по скратена постапка целта на Владата е граѓаните да не слушнат детално за законот и да не слушнат што се крие зад ова задолжување.

„ВМРО-ДПМНЕ го скрати правото на дебата и вклучување на експертската јавност за носење на овој закон“, рече Филипче повторувајќи дека законот е коруптивен и дека со него земјата се става во должничко и политичко заложништво кон Унгарија. Самиот предлог закон, како што кажа, изобилува со недоречености и непознаности и дека за него треба да има јавна дебата.

Филипче смета дека во законот има јасно видливи коруптивни елементи.

„Најпрво ова задолжување е договорено уште кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, целосно вонинституционално и во четири очи. Како што тогаш бил договорен законот надвор од сите процедури така и сега владата сака да го изгласа надвор од секаква дебата и анализа. Ова СДСМ го смета за скандал“, рече Филипче.

СДСМ бара да се искористат сите механизми за јавна расправа за овој закон.

Премиерот Христијан Мицкоски пак, денеска изјави дека е информиран дека постои можност за опструкција на работата на Комисијата за финансирање и буџет, но порача дека „власта има задача да го зачува достоинството на институцијата и да обезбеди средства за развој за компаниите и за општините“.

„Цената која што ја плаќаме за оваа половина милијарда е некаде од прилика, вчера кажав на прес-конференција 0,1 процент, но таа е 0,014 проценти. И тоа е за адвокатски услуги итн., процес којшто е стандарден за ваков тип на заем. Направив анализа колкава провизија плаќала владата на СДСМ и ДУИ во периодот кога таа се задолжувала преку емисија на државни обврзници на меѓународниот пазар. И таа провизија тие што ја плаќале се движи од 12 до 20 пати повеќе од тоа што ние сега како адвокатски услуги го плаќаме за овие 500 милиони евра. Ќе повторам, од 12 до 20 пати“, рече Мицкоски на новинарско прашање, по пуштањето во употреба на Спортско рекреативен центар „Бранители“ во населеното место Љуботенски Пат во Општина Бутел.

Тој соопшти дека добил информација оти претседателката на Комисијата за финансирање и буџет Сања Лукаревска денеска нема да ја стави оваа точка на дневен ред и оти таков став зазеле во СДСМ.

„Деловникот е јасен, има таму период кога треба да се стави оваа точка, доколку не се стави што се прави итн., и тоа ќе се прави. Опозицијата претпоставувам Левица, ДУИ и СДСМ ќе се обидат дури мислам и на недемократски начин да ја опструираат работата на Комисијата, но нашата задача е да го зачуваме достоинството на институцијата и да обезбедиме средства за развој за компаниите и за општините“, изјави Мицкоски.

Според него, вистинската намера на опозицијата е стравот бидејќи, како што рече, ако овие средства се вложат на начин на којшто се планирани да се вложат ќе се добие политички бенефит од сето тоа и на тој начин преку реализација на проектите во општините и поддршка на бизнисот „конечно после долго време застој и уназадување државата ќе почне да чекори напред“.  – Тоа е вистинската суштина, рече Мицкоски.

Предлог законот за задолжување на Македонија со заем кај унгарската Експорт – импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност по Договор за заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели е на дневен ред на 14. седница на Собранието.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ