„СДСМ нема да ја оддолговлекува расправата за ребалансот. Во текот на комисиската расправа, СДСМ и коалицијата поднесоа 58 амандмани од кои не беше прифатен ниту еден. Во делот на плати не се обезбедени средства за континуиран раст на платите и за пораст на минималната плата, не се определени средства за раст на платите во образованието иако постојат поголеми приходи во буџетот, не се предвидени средства за покривање на обврските за социјална заштита, ниту пак за покачување на правата за детска заштита, намалени се средствата за ИПАРД програмата, односно за земјоделците, како и средствата за авансна исплата на земјоделските субвенции“, рече Ковачевски.
Ковачевски додаде дека со ребалансот на буџетот, зголемен е и буџетскиот дефицит и тој сега изнесува 4,9% од планираниот БДП. Со ова се зголемува и јавниот долг на државата. Тој исто така потенцираше дека Владата не предвидува ниту средства за реформа на системот за заштита и спасување, кои беа претходно донесени.