„ Како партија која секогаш го ставала интересот на граѓаните и стабилноста на државата на прво место, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија предлага итно одржување на лидерска средба на лидерите на сите парламентарни политички партии. Ова е обврска што ја имаме кон граѓаните – обврска да покажеме дека сме подготвени заеднички да се справиме со сите предизвици и да ја зачуваме нашата држава стабилна и мирна“, рече Илиевски на прес-конференција.
СДСМ, како што кажа, цврсто верува дека дијалогот, разбирањето и заедничката акција се единствениот пат напред.
„ Лидерската средба е можност да ги обединиме сите политички субјекти околу една јасна и едноставна порака: Македонија останува стабилна и посветена на мирот, соживотот и почитувањето на различностите. Ова е време кога политиката треба да го покаже своето најдобро лице – лице кое обединува, кое создава доверба и кое промовира единство. Граѓаните од нас, политичарите, очекуваат да бидеме пример за смиреност, мудрост и посветеност кон заедничкото добро“, рече Илиевски.
Од партијата апелираат до сите граѓани да останат смирени и воздржани, нагласувајќи дека почитувањето на различностите и дијалогот се темелите на нашето заедничко општество.
„Во овој дух, го упатуваме нашиот повик до сите лидери на политичките партии да одговорат позитивно и да се приклучат на оваа иницијатива. Времето бара одговорност, а ние сме подготвени да ја покажеме. Ова не е време за поделби. Заедно сме посилни и само така можеме да се справиме со сите предизвици кои ни стојат на патот“, рече Илиевски.
Нешто подоцна, премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи го денешното барање на СДСМ за лидерска средба, нагласи дека во моментов не гледа причина за такво нешто.
„ Во овој момент не сум размислувал. Но, деновиве што се пред мене, ќе размислувам на таа тема. Доколку навистина има аргументи кои одат во таа насока, зошто да не. Но во моментов не гледам причина за такво нешто, ако гледам објективно“, рече Мицкоски при неговата посета во Општина Јегуновце.