четврток, 27 февруари 2025

Самка Ибраимовски приговара за условната осуда за заканите упатени на уставен судија

Поранешниот пратеник и лидер на партијата ПЦЕР – Самка Ибраимовски, се жали на пресудата за издавање казнен налог од Основен кривичен суд Скопје со која е огласен за виновен за кривично дело „загрозување на сигурноста“ во врска со неговиот фејсбук статус за одлуката на Уставниот суд согласно која рокот на застареност на побарувањата на доверителите останува десет години.

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за неговиот Фејсбук-статус со содржина: „Тоа што го кажа инсајдер за корупција излезе на виделина, денес Уставниот суд го поништи Законот за застареност на долгови. Ова може само кај нас – еднаш одлучено не може истата иницијатива да се разгледува, Срамота Ана Павловска Данева која гласаше за поништување на законот, колку земавте ама ќе ти дојде и тебе крајот со бандата криминална што соработуваш за ова ќе има убиства кој ќе одговара што вие го натоваривте магарето но од денес пазете се ќе видам кој гласал и ќе видите што ќе се случи”, што тој го напишал после одлуката на Уставниот суд со која ги укина член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи, односно согласно одлуката, ќе се применува стариот Закон за облигациони односи, односно, рокот на застареност на побарувањата на доверителите останува десет години.

Според Ибраимоски, воопшто не се исполнети елементите на битието на кривичното дело „загрозување на сигурноста“ и воопшто не може да произлезе дека некаква сериозна закана за убиство е упатена, токму кон наводно оштетената или кон било кое конкретно лице.

“Имено, видно од описот на напишаниот статус, неспорно произлегува дека обвинетиот на оштетената директно ѝ ги упатува само зборовите ‘Срамота, Ана Павловска Данева која гласаше за поништување на законот, колку земавте, ама ќе ти дојде и на тебе крајот со бандата криминална’, зборови кои во себе воопшто не содржат никакви сериозни закани по нејзиниот живот и тело, а уште помалку дека ќе ја убие. Понатаму зборовите, кои тенденциозно се извадени од контекст „за ова ќе има убиства кој ќе одговара што вие го натоваривте магарето“, воопшто не се однесуваат на наведената оштетена како судија во Уставниот суд, ниту на некое конкретно лице, туку истиот искажал само општо мислење и претпоставка дека можно е да има убиства и тоа поради огромните долгови кои ги имаат граѓаните, а како последица на измените на законот и како последица на сериозноста на состојбата во која ќе се најдат голем број должници“, се наведува во приговорот од Ибраимоски.

На Ибраимоски му е изречена алтернативна мерка условна осуда, при што му е утврдена казна затвор во траење од три месеци, која нема да се изврши доколку обвинетиот за време од една година од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело. Во изјава за медиуми пред Основен кривичен суд Скопје, тој денеска информираше дека приговорот е уважен и за денеска е закажана главна расправа на која од негова страна ќе бидат доставени докази во врска со горенаведените околности.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ