„Цврсто ги отфрламе сите непријателски напади кои сметаме за целосно неосновани“, кажа портпаролката на министерството за надворешни работи на Русија Марија Захарова во соопштение и ги осуди „сè поапсурдните обвиненија“ упатени кон Москва.
Романските власти денес ја тргнаа ознаката за таинственост од документите кои ги опишуваат наводните мерки за дестабилизација, а кои потсетуваат на техниките кои ги користи Русија.
Во изборниот период во Романија имало „агресивни хибридни руски напади“, а победата на десничарскиот кандидат Калин Ѓорѓеску била резултат на координирана кампања на социјалните медиуми зад кои веројатно стои „државен актер“, наводно покажуваат декласифицираните документи на романските разузнавачки агенции.
Европската комисија по објавувањето на овие информации го засилила следењето на Тикток и ѝ наредила на таа платформа да ги чува сите податоци и докази поврзани со романските избори, но и за претстојните избори во земјите од ЕУ, во случај на понатамошна истрага на усогласеноста на таа платформа со обврските кон законот за дигитални услуги.
Ѓорѓеску кој беше прв во првиот круг на изборите, кажа дека нема никакви докази дека координирана кампања била организирана на платформата Тикток.
Захарова ја осуди климата на „невидена антируска хистерија“ и ги повика романските власти да престанат да ја „пумпаат руската закана“ за со тоа да го манипулираат јавното мислење.
Вториот круг претседателски избори во Романија се одржува во недела, а набљудувачите го сметаат за пресуден за иднината на таа земја со 20 милиони жители која граничи со Украина.