среда, 4 декември 2024

Русија ја напушти нуклеарната агенција на ОН, ја продолжува соработката

Една година по повлекувањето од меѓународниот договор за забрана на нуклеарни тестови, Русија продолжува да учествува во активностите на глобалниот пакт, изјави денеска шефот на подготвителниот комитет за Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови (ЦТБТО).

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Земјите-членки на ЦTБTO вчера му го продолжија мандатот на Роберт Флојд на чело на организацијата за уште четири години.

Во октомври 2023 година Русија официјално ја повлече својата ратификација на Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови (ЦTБT), што значеше дека земјата повеќе нема никакви правни обврски според глобалниот пакт.

„Тоа беше мошне разочарувачка одлука“, рече Флојд.

Сепак, Русија оттогаш покрена друга мониторинг-станица за откривање нуклеарни тестови, рече Флојд. Сега има 32 руски станици во функција што испраќаат податоци до ЦTБTO и други земји.

Тие се дел од глобалната мрежа на ЦTБTO од околу 300 мерни станици што регистрираат вибрации, звучни бранови и хемиски сигнали што може да се произведат со нуклеарни тестови.

„Земјите знаат дека ако одлучат да направат нуклеарна проба, тоа не можат да го скријат“, рече Флојд.

Со договорот се воспостави глобална мрежа на мониторинг-станици што можат да детектираат звук, ударни бранови или радиоактивни последици од нуклеарна експлозија. Кога ќе биде завршена, ќе содржи 321 мониторинг-станица и 16 лаборатории, чии домаќини ќе бидат 89 земји. Околу 90 отсто од системот е веќе оперативен, вклучувајќи ги Русија и САД.

Рускиот претседател Владимир Путин го оправда своето повлекување од договорот на ОН со тоа што Русија мора да ги има истите опции како и главната нуклеарна сила – САД.

За разлика од Русија, САД никогаш не го ратификувале договорот, но, како и другите земји, со исклучок на Северна Кореја, ја почитуваат забраната за тестирање нуклеарно оружје од 1990-тите.

„Очекувам континуиран конструктивен однос со администрацијата на Доналд Трамп“, рече Флојд, истакнувајќи дека односите меѓу Вашингтон и ЦTБTO биле конструктивни за време на неговиот прв претседателски мандат.

Иако досега 187 земји го потпишаа договорот од 1996 година, тој сè уште официјално не е во сила. За да се случи тоа, уште девет земји мора да се приклучат во ЦTБT: САД, Русија, Кина, Пакистан, Израел, Северна Кореја, Иран и Египет.

Флојд смета дека е малку веројатно овие земји да го ратификуваат договорот во блиска иднина. Тој, сепак, нагласи дека глобалниот мораториум за нуклеарно тестирање е де факто во сила бидејќи го почитуваат сите земји освен Северна Кореја.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ