„Секако не сме задоволни од предлозите изречени во име на претставникот на тимот на избраниот американски претседател (Доналд Трамп) кои предвидуваат одложување на пристапувањето на Украина во НАТО на 20 години, како и воведување контингент за одржување на мирот составен од британски и европски сили во Украина“, кажа Лавров за ТАСС.
Во изминатите недели се шпекулира за можни идни мировни преговори за Украина, по речиси тригодишниот конфликт во кој загинаа или се ранети стотици илјади луѓе.
Меѓу идеите кои ги разгледуваат европските земји и Вашингтон е распоредување европски воен контингент во Украина, долж линијата на фронтот која се протега на околу 1.000 километри.
Тој предлог го иницираа францускиот претседател Емануел Макрон и полскиот премиер Доналд Туск во Варшава кон средината на декември, и би вклучувал војници на земји членки на НАТО, или оние кои имаат нуклеарно оружје како Франција и Британија.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков на 16 декември кажа дека е „очигледно прерано да се зборува за војници за одржување мир“.
Европејците стравуваат дека САД ќе престанат да му помагаат на Киев, односно дека ќе се изврши притисок да се постигне договор штетен за Украина, по враќањето на Трамп во Белата куќа на 20 јануари.