петок, 13 декември 2024

Рокас: Судството да ги преземе сите активности во случајот со Груби и Беџети

Шефот на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во земјава Михалис Рокас, денеска одговорајќи на новинарско прашање во врска со американската црна листа на која се ставени поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети, порача дека сега е важно судството во земјава да ги преземе сите можни активности поврзани со овој случај, но и со сите други случаи каде што е присутна корупцијата во државата. Рокас уверува дека процесот на проширување е врвен приоритет на ЕУ која прави напори да заврши процесот на реформи во Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

„Соединетите Aмерикански Држави презедоа значаен чекор во борбата против корупцијата, со ставање на поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети на американската црна листа. Меѓутоа, она што е важно е дека судството во државата треба да ги преземе сите активности не само во врска со овој последен случај, туку и сите други видови на корупција кои се присутни, со цел да имаме независно судство“, рече Рокас.

Тој додаде дека ЕУ има преземено значајни активности и напори за обезбедување механизми за зајакнување на судството.

„Тука можам да ја споменам оценската мисија на ЕУ, која што издаде 40 препораки за судството во Северна Македонија, така што мислам дека најважно е судството да стане независно тело. Професионално и независно судство останува клучен приоритет за идниот интегративен процес на Северна Македонија во ЕУ. Со постоење на независно судство, ќе се зголеми довербата во општеството и се надеваме дека ова ќе се случи многу поскоро, додаде Рокас.

Прашан за претресите кои се случуваат во Судскиот совет, Рокас рече дека Јавното обвинителство треба да ги направи сите можни пребарувања во случаи кога постојат сомнежи за постоење на корупција во одредена институција.

„Мислам дека канцеларијата на Јавното обвинителство секогаш треба да ја има можноста да ги направи сите можни пребарувања во случаи кога постојат сомнежи за постоење на корупција во одредена институција. Без разлика дали станува збор за индивидуални или општи акти, во едно демократско општество на Јавното обвинителство треба да му бидат ставени на располагање сите механизми за да може да изврши истрага за можна корупција“, додаде Рокас.

Рокас уверува дека процесот на проширување е врвен приоритет на ЕУ која прави напори да заврши процесот на реформи во Македонија.

Тој посочи дека во моментот во тек се повеќе дипломатски активности во врска со ова прашање, потенцирајќи дека новото раководство на ЕУ прави многу напори за Северна Македонија да стане дел од европското семејство.

„Во моментот во тек се многу дипломатски активности во врска со ова прашање. Премиерот на Северна Македонија беше во посета на Брисел каде што се сретна со новото раководство на ЕУ, а следната недела, на 18 декември, ќе има уште една можност да го посети Брисел, во рамките на Самитот на ЕУ и земјите од Западен Балкан. Јас мислам дека од страна на новото раководство на ЕУ е јасно кажано дека процесот на проширување е врвен приоритет, вклучително и со Северна Македонија. И Делегацијата на ЕУ прави огромни напори да заврши процесот на реформи за Северна Македонија и таа да стане членка на ЕУ. Каква било друга дополнителна поддршка или дипломатски активности се повеќе од добредојдени“, рече Рокас.

Евроамбасадорот денеска е во посета на Тетово. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ