среда, 4 декември 2024

Ројтерс: Сѐ повеќе Руси се кодошат меѓу себе за Украина

Соседи си ги кодошат соседите, верници ги кодошат свештениците, а студенти си ги кодошат наставниците, вели Ројтерс во анализата „Ехо од советската ера: Русите меѓусебно се кодошат за Украина“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На последниот ден од јануари, една жена го однела својот син кај педијатарката Надежда Бујанова во Поликлиниката бр. 140 во северозападна Москва. Седумгодишното момче имало проблем со едното око, пишува Ројтерс.

Разговорот за кој мајката на момчето тврди дека се случил за време на 18-минутната средба во клиниката ќе ги промени животите на двете жени и ќе ја однесе 68-годишната докторка во затвор.

Случајот се базира на пријава – дел од растечкиот тренд кај Русите да ги кодошат своите сограѓани за нивните ставови за војната во Украина и за други наводни политички злосторства. Критичарите велат дека бранот пријавувања ѝ помагаат на владата на претседателот Владимир Путин да се бори против неистомислениците.

Во видео снимено додека се оддалечува од клиниката, мајката, Анастасија Акиншина, вели дека ѝ рекла на лекарката дека момчето е трауматизирано затоа што татко му бил убиен борејќи се за Русија во војната во Украина.

„Знаете што ми рече? ‘Па, драга моја, што мислеше ти? Твојот сопруг беше легитимна цел на Украина’“, вели Акиншина, имитирајќи го гласот и интонацијата на лекарката.

Борејќи се со солзите, Акиншина вели дека го пријавила инцидентот кај управата на болницата и мислела дека ќе го премолчат.

„Па, прашањето е: каде можам сега да се пожалам за оваа кучка, за да ја избркаат од еб*ната земја или да ја испратат кај ѓаволот во затвор?“, вели таа во видеото, кое стана вирално на социјалните мрежи и ја доведе на јавно судење како клучен сведок на обвинителството.

На судењето, Бујанова одби да даде коментар. Но и покрај тоа што немало други возрасни сведоци, пријавата беше доволна за да ја уништи нејзината 40-годишна медицинска кариера и нејзиниот живот.

Докторката, која е во истражен притвор од април, во вторникот се појави пред московскиот суд. Беше прогласена за виновна според законот за цензура за време на војна за „јавно ширење намерно лажни информации“ за вооружените сили и осудена на пет и пол години во казнена колонија.

Бујанова е родена во Украина, но е државјанка на Русија, каде што живее и работи три децении. Нејзиниот адвокат Оскар Черџиев изјави за Ројтерс дека одбраната верува дека Акиншина постапила од злоба поради украинското потекло на лекарката.

Акиншина не одговорила на писмените прашања за оваа сторија, ниту одговорила на нејзиниот телефон, вели Ројтерс.

На судењето таа изјави: „Ние сме Руси. Бујанова ги мрази Русите. Таа чувствува непријателство кон мене, така мислам јас“, се вели во транскриптот на независниот руски медиум Медијазона.

Двајца вработени во болницата што ја виделе Акиншина по консултацијата со Бујанова во доказите ја опишале како вознемирена.

Случајот на обвинителството бил речиси целосно заснован на сведочењето на Акиншина, заедно со транскриптот од разговорот со детето прочитан на судењето, спроведено од офицер на службата за безбедност ФСБ. Прво Акиншина рекла дека момчето не било во собата кога биле дадени коментарите, но подоцна ја променила приказната, велејќи пред судот дека тоа го кажала во состојба на шок.

Судијата го одби барањето на одбраната да му постави свои прашања на детето.

Руската група за човекови права ОВД-инфо забележа 21 кривично гонење во политички мотивирани случаи врз основа на пријави од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година, изјави Ева Левенберг, адвокатка на групата, за Ројтерс.

Левенберг, која живее во Германија, вели дека ОВД-инфо знае за уште 175 лица што се соочиле со административни обвиненија за „дискредитирање“ на руската армија како резултат на тоа што биле искодошени во истиот период, а 79 од нив се казнети.

Ројтерс не бил во можност самостојно да ги потврди бројките што ги навела Левенберг.

Руското Министерство за правда не одговорило на барањата за коментар за податоците или за засновањето на обвиненијата само врз пријава, вклучително и во случајот на Бујанова. Како одговор на прашањето поставено од Ројтерс, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, рекол дека Кремљ не ги коментира судските одлуки.

„Ѓубриња и предавници“

Путин рече дека земјата е во индиректна војна со Западот и дека граѓаните треба да помогнат во искоренувањето на внатрешните непријатели. Во март 2022 година, неколку недели по инвазијата, тој изјави дека рускиот народ „секогаш ќе може да ги разликува вистинските патриоти од ѓубрињата и предавниците и само да ги исплукува како мушичка што случајно им влетала во устата“.

Од почетокот на војната во Украина, според ОВД-инфо, властите привеле повеќе од 20.000 луѓе за различни форми на антивоени изјави или протести и покренале кривични случаи против 1.094 лица.

Во вестите, во судските случаи и на социјалните мрежи, на виделина се појавија примери за соседи што си ги кодошат соседите, верници што ги кодошат свештениците и студенти што ги кодошат наставниците.

За некои, сегашната клима потсетува на атмосферата на меѓусебна недоверба и сомнеж во времето на советското комунистичко владеење, вели Ројтерс.

Олга Подолскаја е поранешен општински заменик за регионот Тула, јужно од Москва, која вели дека стекнала „незгодна“ репутација како независен локален политичар спремен да им се спротивстави на властите. Во првите часови по инвазијата во Украина, таа се потпишала на отворено писмо во кое инвазијата се опишува како „злосторство без преседан“ и ги повикала граѓаните да се изјаснат против неа.

Четири месеци подоцна против неа била поднесена јавна пријава, во која се барало да се истражат нејзините финансии откако собирала јавни донации за да ја плати казната поврзана со протест во 2020 година. Пријавата била поднесена од лицето „Олга Миненкова“, но Подолскаја вели дека такво лице никогаш немало и се сомнева дека идентитетот е лажен.

Следувале други јавни обвинувања против неа и нејзиниот сопруг. Запрашана како се чувствувала во тоа време, Подолскаја вели дека тоа ја потсетило на нејзиниот прадедо, егзекутиран под советскиот диктатор Јозеф Сталин во 1938 година, откако некој го искодошил.

„Се врати времето на кодошењата и ‘народните непријатели’. Сфатив дека ми праќаат сигнал да ја напуштам земјата“, рече Подолскаја.

Таа заминала, во април 2023 година. Во септември истата година била ставена на листата на јавни „странски агенти“ на Министерството за правда. За да ја заштити својата безбедност, таа побарала од Ројтерс да не открива каде се наоѓа сега.

„Од една дамнешна ера“

Докторот Андреј Прокофјев во 2023 година бил пријавен од една плодна доушничка по име Ана Коробкова, која му пишала на неговиот работодавец барајќи да биде отпуштен поради антивоените коментари што ги дал за странски медиум.

Коробкова не одговорила на барањето за коментар.

Во минатогодишното писмо до Александра Аркипова, социолог, која била жртва на една од нејзините пријави, Коробкова напишала дека кодошењето ѝ е „во крвта“ бидејќи нејзиниот дедо работел со тајната полиција НКВД на Сталин. Аркипова го објави писмото на Телеграм.

Коробкова рекла дека само во првата година од војната испратила 764 пријави до владините агенции, фокусирајќи се на Русите што зборуваат за странски медиуми. Таа ја споредила својата активност со „користењето подморници за уништување на непријателските бродови“.

Прокофјев рекол за Ројтерс дека не претрпел никакви последици, бидејќи живее во Германија. Но тој се плаши да се врати во Русија: „Мислам дека не би стигнал ни да излезам од аеродромот. Веднаш би покренале кривично дело“.

Прокофјев особено се заинтересирал за случајот на Бујанова бидејќи, кога живеел во Русија, неговиот син бил еден од нејзините пациенти. Тој ја опишува како тивка, скромна личност – „постар лик од едно дамнешно време“, која на тастатурата чука само со еден или два прста.

Нејзиното судење предизвика мал отпор. Прокофјев беше меѓу вкупно 1.035-те лекари што се солидаризираа со Бујанова во отворено писмо, предупредувајќи дека случајот ќе ги одврати младите да се занимаваат со медицина. Некои од лекарите зборуваа во видеокомпилација објавена на Фејсбук.

Александар Полупан, лекарот зад иницијативата за Бујанова, како и зад писмата за поддршка на неистомислениците, вклучително и на покојниот Алексеј Навални, вели дека најмалку седум медицински лица биле испрашувани од полицијата откако се потпишале на писмата.

Самиот Полупан ја напуштил Русија минатата година, „кога стана јасно дека во секој момент ќе бидам уапсен“, вели тој за Ројтерс.

Рејчел Денбер, заменик-директорка на Одделот за Европа и Централна Азија на Хјуман рајтс воч со седиште во Њујорк, вели дека гонењето постар обвинет од угледна професија испраќа сигнал дека никој не може да си дозволи да му пркоси на официјалниот став за Украина.

Дури и ако Бујанова рекла дека руските војници на бојното поле се легитимни цели за Украина, тврдењето би било точно според меѓународното право, вели Денбер.

„Тоа се Женевските конвенции“, додава таа.

Меѓународното право што ја регулира војната дозволува и употреба на смртоносна сила против јасно идентификувани непријателски борци во одредени ситуации, вели Ројтерс.

На судењето, обвинителите дале детали за пораки и слики на мобилниот телефон на Бујанова што не се однесувале на спорот со Акиншина, но биле употребени за да се прикаже слика за човек со проукраински и антируски ставови.

Одбраната рекла дека некој друг го користел телефонот и дека пораките не се нејзини.

Во својот последен говор на судењето, докторката беше плачлива. Таа побара од судот да ги земе предвид нејзината возраст, кревкото здравје и повеќедецениската служба.

Поддржувачите во маици со испечатена слика од скромната Бујанова извикуваа „срам“ на изрекувањето на пресудата.

Пред да биде прочитана пресудата, Бујанова изрази шокираност од тоа што се случува.

„Не можам да сфатам што ми се случува“, им рече таа на новинарите. „Можеби некогаш ќе сфатам“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ