Што се однесува до комбинираната помош на бројни западни земји и последниот американски пакет, наменет за набавка на оружје и обука на украинските војници, овој дел би требало да ги покрие потребите на Киев „до крајот на следната година“. Како што наведува британската агенција, ова е секако подобро од ситуацијата во која се наоѓаше Украина пред само една недела, кога нејзината војска се соочуваше со огромен недостиг од воена опрема.
Ројтерс пренесува дека Украина повторно би можела да се најде без оружје на крајот на 2025 година. Причина за тоа е што дури и ако Џо Бајден биде повторно избран, ќе биде многу тешко да се убеди Конгресот да усвои закон за нов пакет помош, додека во случај на победа на Доналд Трамп помошта за Киев би била уште помалку извесна.
Затоа, според Ројтерс, повеќегодишниот финансиски план би имал неколку предности. За почеток, би се обезбедила помош и покрај политичките промени во САД. Потоа би се кренал, сега веќе речиси непостоечкиот, морал на Украинците, и на крај, би дошло до раст на самодовербата на западните произведувачи на вооружување и воена опрема да го зголемат своето производство.
Меѓутоа, конкретното количество пати кое би требало да ѝ се обезбеди на Украина зависи од тоа каков ќе биде конфликтот во иднина. Доколку Киев се определи за одбранбена кампања, тоа би го чинело помалку од обидите да ја избрка руската војска надвор од територијата која ја контролира.
Имајќи го тоа предвид, и фактот што Москва ги зголемува сопствените воени трошоци, Ројтерс проценува дека на Украина во иднина веројатно ќе ѝ бидат потребни најмалку околу 88 милијарди долари годишно, колку што нејзините сојузници ѝ обезбедиле во 2023 година.
И покрај сето тоа, британската агенција сепак наведува дека режимот на Володимир Зеленски нема да биде во состојба да врати многу територија, бидејќи тоа би барало напади на добро утврдените позиции на руската војска во моменти кога Украина веќе се соочува со проблеми при регрутацијата на нови војници.
Затоа, во најдобар случај, украинскиот претседател би можел со преговори да дојде до мировно решение од „подобра позиција“, или да го замрзне конфликтот, што би довело до ситуација слична на таа меѓу Северна и Јужна Кореја, заклучува Ројтерс.