Во март научниците од лабораторијата за млазен погон на НАСА спуштија цилиндричен робот во ледените води на Бофортово Море северно од Алјаска за да соберат податоци на длабочина од 30 метри. Тоа беше првиот чекор во проектот „Ајс ноуд“ (IceNode).
Крајната цел е да се пушти флота од овие роботи на Антарктикот, кои ќе се закачат за мразот и ќе снимаат податоци за време на долги периоди на едно од најнепристапните места на Земјата.
Постои итна потреба за подобро разбирање на овој далечен, изолиран континент; она што се случува таму влијае на целиот свет.
Голем број неодамнешни истражувања сугерираат дека мразот на Антарктикот би можел да се топи на нови алармантни начини, што значи дека прогнозите за пораст на нивото на морето може да се значително потценети. Ако ледената покривка на Антарктикот целосно се стопи, тоа би предизвикало глобално зголемување на нивото на морето за околу 60 метри – што би довело до целосна катастрофа за крајбрежните заедници.
Научниците особено сакаат да откријат што се случува со ледените плочи на Антарктикот, огромни плочи пловечки мраз што стрчат од океанот и претставуваат важна одбрана од зголемувањето на нивото на морето, делувајќи како чеп за задржување на глечерите на копно.
„Линијата за вземјување“ – точката каде што глечерот се издига од морското дно и станува ледена плоча – е местото каде што може да се случува најбрзото топење, бидејќи топлата океанска вода го разјадува мразот одоздола.
Но во опасниот антарктички пејзаж било многу тешко да се добие детален увид во линијата на вземјување.
„Со години размислувавме како да ги надминеме овие технолошки и логистички предизвици и мислиме дека најдовме начин“, рече Иан Фенти, климатски научник во Лабораторијата и научнички водач на Ајс ноуд.
Планот на НАСА е да пушти во водата околу 10 роботи Ајс ноуд, секој долг околу 2,5 метри и 25 сантиметри во дијаметар, преку дупка во мразот или од брод во близина на брегот. Тие немаат погон, но ќе се движат преку океанските струи, насочувани со специјален софтвер, до нивната дестинација на Антарктикот каде што ќе ја активираат својата „опрема за вкотвување“ – три ногарки што извираат и се закачуваат на мразот.
Откако ќе се постават, нивните сензори ќе следат колку брзо потоплата, солена вода од океанот го топи мразот, како и колку брзо тоне студената стопена вода.
Флотата би можела да работи до една година, собирајќи податоци низ сите годишни времиња, соопшти НАСА.
Откако ќе завршат со следењето, роботите ќе се одвојат од мразот, ќе испливаат на површината на океанот и ќе испраќаат податоци преку сателит. Овие податоци потоа може да се внесат во компјутерски модели за да се подобри точноста на проекциите за пораст на нивото на морето.
„Овие роботи се платформа за носење научни инструменти до најтешко достапните места на Земјата“, рече Пол Глик, инженер за роботика на Лабораторијата на НАСА и главен истражувач на Ајс ноуд.
Тимот во моментов е фокусиран на развивање на техничките можности на роботите и се планираат повеќе тестови. Во моментов нема точен распоред за тоа кога ќе бидат распоредени на Антарктикот, изјави Глик за Си-ен-ен, „но ние би сакале тоа да биде што е можно поскоро“.
Роботите претходно се користеа за гледање под мразот на Антарктикот. Еден неодамнешен истражувачки проект користеше робот што личи на торпедо наречен Ајсфин, возило управувано од далечина што снима информации за топлината на океаните, соленоста и струите.
Но онаму каде што Ајсфин го вклучуваше погонскиот систем и остануваше поврзан со приврзокот, преку кој беше контролиран и можеше да испраќа податоци, роботите Ајс ноуд ќе бидат целосно автономни.
Двата системи се надополнуваат еден со друг, рече Роб Лартер, морски геофизичар од британското Антарктичко истражување, кој беше дел од истражувачкиот проект што го користеше Ајсфин.
Иако Ајсфин може да објавува податоци во реално време, ограничено му е времето колку долго дупката ќе може да се чува отворена пред да замрзне, обично неколку дена. Ајс ноуд-роботите ќе може да собираат податоци многу подолги периоди, но нема да ги пренесуваат сѐ додека не им заврши мисијата.
Распоредувањето на двете машини е предизвик и вклучува значителен ризик за софистицираната опрема, рече Лартер за Си-ен-ен, „но таквите иновативни пристапи и преземањето ризик се потребни за да се дознае повеќе за важниот скриен свет под ледените плочи“.