понеделник, 14 октомври 2024
Интервју

Ричард Саква: Цената на сојузот со Западот е потчинување на двојните стандарди, па гордите нации одбиваат

Двојните стандарди не се случајни, туку се системски за Политичкиот Запад. Едно правило важи за оние што се во сојуз со него, друго правило важи за аутсајдерите. Цената на членството е потчинување на овие двојни стандарди. Гордите нации одбиваат, вели во интервјуто за МКД.мк британскиот политиколог и историчар Ричард Саква.

Објавено на

часот

Сподели

Ричард Саква (Richard Sakwa) на 3 i 4 октомври ќе учествува на меѓународната конференција „Кооперативен мултиполарен систем: Во потрага по нов светски поредок“ во Скопје. Конференцијата ја организира Центарот за глобални промени при Филозофскиот факултет во Скопје, кој го води професорката Билјана Ванковска.

Саква е професор по руска и европска политика на Универзитетот во Кент, виш научен соработник на Националниот истражувачки универзитет – Вишата школа за економија во Москва и почесен професор на Факултетот за политички науки на Московскиот државен универзитет. Toj e научен соработник на Кралскиот институт за меѓународни односи и експерт на форумот „Валдај“. Автор е на повеќе книги, меѓу кои и „Украина на линијата на фронтот: Криза на граничниот појас“, „Моќ и контрадикција во современа Русија“, „Русија против останатите: кризата по Студената војна на светскиот поредок“, „Парадоксот на Путин“, „Како Западот не успеа да ја спречи Втората студена војна“…

Која е разликата од првата и втората студена војна?

– Прво, треба да дефинираме што е тоа студена војна. Тоа е карактеристичен тип меѓународна политика од нуклеарната ера. Проблемот во овој тип конфликт не е толку политиката на противникот, туку самото негово постоење. Идеологијата има голема улога во тоа, но борбата во крајна линија е егзистенцијална, при што едната или другата страна веруваат дека борбата ќе заврши не само со пораз, туку и со трансформација на противникот.

Второ, на Вашето прашање, во оваа студена војна, актерите и идеологиите се сменети, но структурата на борбата останува иста. Во овој случај, тоа веќе не е борба меѓу комунизмот и капитализмот, туку како што сугерираат западните сили, меѓу демократиите и таканаречените автократии. За Русија и нејзините сојузници, тоа е борба за одбрана на основниот принцип на меѓународниот систем заснован на Повелбата на ОН, суверениот интернационализам и обидот на Политичкиот Запад (атлантските сили) да го наметне таканаречениот демократски интернационализам, кој ја поткопува суверената еднаквост на државите. Друга разлика помеѓу оваа студена војна и првата е тоа што во претходната борбата беше статична во Европа, при што двете страни ги почитуваа сферите на интерес поделени со железната завеса, а динамична на други места, со војните во Кореја, Виетнам и низ Африка.

Денес, сепак, војната дојде дома во Европа, каде што конфликтот е динамичен; со оглед на тоа што остатокот од светот одбива да се вклучи во ендемичните европски граѓански војни, а со тоа и конфликтот на другите места е статичен – иако САД/НАТО прават сѐ за да ја направат студената војна динамична и во Источна Азија.

Дали концептот на студена војна е во контрадикција со тезата за појава на мултиполарен систем? Каде според вас е студената војна во денешниот меѓународен контекст?

– Мислам дека голем дел одговорив. Несомнено постои мултиполарност на ниво на држави, со најмалку четири големи сили – Кина, Индија, Русија и САД, со голем број сè поважни средни сили, вклучувајќи ги Бразил, Индонезија и многу други, членки на Г20. Сепак, постојат или се појавуваат два широки сојузи. Првиот е Политичкиот Запад, систем создаден за време на првата студена војна и обликуван од неа, кој го овековечува студеновоеното размислување по 1989-91 година, крајот на првата студена војна.

Од друга страна, се обликува сојузот „Политички Исток“, чие јадро се Русија и Кина, но се вклучени и земјите на Шангајската организација за соработка, и пред сѐ БРИКС+, веќе проширен, и со околу 40 земји што сакаат да му се приклучат, вклучувајќи ја, зачудувачки, членката на НАТО Турција. Политичкиот Исток не е само спротивност на Политичкиот Запад; тој ја отфрла блоковската политика и претставува фундаментално различна група на принципи: пред сè посветеност на суверениот интернационализам заснован на системот на Повелбата, како и плурализам и толеранција кон разновидна група системи на управување.

Како гледате на руско-украинскиот судир и на неговите импликации за мирот во светот? Вие велите дека е тоа дело на експанзионизмот на Западот, САД и НАТО кои, според вас се причинители за разгорување на втората студена војна?

– Оваа војна можеше да се избегне и на крајот на краиштата е бесмислена – иако поради тоа не е помалку трагична. Војната беше предизвикана од немилосрдната експанзија на Политичкиот Запад во сите негови облици, не само НАТО, туку и Европската Унија. Источното партнерство од 2009 година, смислено од полскиот министер за надворешни работи Радек Сикорски и шведскиот министер за надворешни работи Карл Билт, беше плански провокативно; и истите тие „двајца ужасни луѓе“ ги вметнаа безбедносните клаузули во Договорот за асоцијација што претседателот Виктор Јанукович од Украина одби да го потпише во ноември 2013 година, предизвикувајќи го бунтот на Мајдан и на крај војната.

Оваа војна деструктивно влијае врз светскиот мир, а како резултат на тоа студената војна е „глобализирана“ – но како што беше забележано претходно, Глобалниот југ не сака ништо од тоа и одбива да се приклучи на санкциите на Западот против Русија. Сосема е можно Политичкиот Запад да се уништува себеси, нафрлајќи се на руската карпа; разоткривајќи ја својата индустриска слабост и милитаристичката и деструктивна идеологија.

Каква е улогата на Кина, но и на земјите на БРИКС во новиот меѓународен поредок?

– Кина е голем играч, а нејзината улога е засилена со оваа војна. Западот е ослабен, а Русија го запостави домашниот развој. Во оваа војна нема „победници“, но ако имаше, тоа ќе беше Кина. Се разбира, нејзиниот сојуз со Русија ја изложува на секундарни санкции, но Пекинг не може да дозволи Русија да биде поразена од колективниот Запад – последното нешто што тој го сака е неговата северна граница со Русија да стане граница со НАТО!

Вашите западни колеги неретко ве нарекуваат про-руски ориентиран и пристрасен. Како се носите со таквите квалификации? Зошто поларизација во науката?

– За жал, културата на политичка дебата и научен дијалог во последните години е многу деградирана. Исто како и во првата студена војна, критичарите се етикетирани како „сопатници“ на противникот и се злоупотребуваат на други начини. Сепак, според мене, независната анализа и стипендија е уште поважна во време на конфликт, и јас отсекогаш верував во дијалогот и дипломатијата. Врз таа основа јас се ангажирам со сите страни и се трудам да презентирам непристрасна и аргументирана анализа. Една од трагедиите на нашето време е падот на дипломатијата.

Знаеме дека доаѓате како еден од keynote speakers во Скопје на конференцијата во организација на Центарот за глобални промени. Дали е ова ваша прва посета и зошто мислите дека оваа конференција е значајна?

– Ова е моја прва посета на Македонија и ја очекувам со големо нетрпение. Конференциите како оваа се од витално значење за луѓето да се сретнат и да презентираат различни ставови. Како што рекол Винстон Черчил, „Подобро со муабет отколку со војна“ (Jaw jaw is better than war war).

Што мислите за малите земји, како на пример Македонија, и нивната можна улога во новиот светски поредок?

– Меѓународниот систем сега е созреан. ОН има 193 членки и ниедна не е спремна да го жртвува својот суверенитет за целите на другите (освен членовите на Политичкиот Запад и неговите поддржувачи). Сите земји, големи и мали, имаат важна улога во поместувањето на дискурсот подалеку од милитаризмот, а поблиску до мирот и развојот – со одбрана на принципите на Повелбата осмислени во 1945 година при основањето на ОН. Така, тие во ОН треба да зборуваат во одбрана на овие принципи – и во одбрана на самите ОН, кои се под невидена закана. Таканаречениот поредок заснован на правила се заканува да ја поткопа автономијата на системот заснован на Повелбата.

Не знам колку сте запознати со случувањaта на Балканот, со тоа што ѝ се случува на Македонија со лицемерните барања на соседите, инаку членки на ЕУ, во врска со промената на името и едностраното барање за правата на малцинствата во регионот како услов за влез во елитното друштво. Како ги објаснувате овие двојни стандарди на Брисел во случајот со Македонија и напуштањето на основните принципи за членство во ЕУ?

– Не заборавајте дека двојните стандарди не се случајни, туку се системски за Политичкиот Запад. Едно правило важи за оние што се во сојуз со него, друго правило важи за аутсајдерите. Цената на членството е потчинување на овие двојни стандарди. Гордите нации одбиваат. Прво Русија, и ги гледаме последиците од тоа; а сега Македонија – до одреден степен. Имајте ја на ум и претстојната борба за Грузија, која се обидува да следи независна и неутрална линија. Нема место за неутралност во оваа студена војна!

 Александар Дамовски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ