Терористичкиот напад на Хамас кој се случи на 7 октомври ги отфрли нашите сфаќања за тоа кои се условите за постигнување мир на Блискиот Исток а исто така и пошироко во светот. Сè уште нè измачуваат ужасите кои се случија на тој ден. При започнувањето на својот напад, Хамас со леснотија ги надмина високотехнолошките гранични безбедносни бариери на Израел без да наиде на организиран отпор. Неговите милитанти убија повеќе од 1.200 Израелци (главно цивили) и земаа повеќе од 200 заложници во Газа – пренесувајќи притоа голем дел од масакрот на социјалните мрежи.
Како и се случи ова на земјата со најсилна војска и држава која ги има најдобрите разузнавачки служби на Блискиот Исток? Израел веројатно ги следи сите терористички активности и закани од двете страни на своите граници. Сепак, беше фатен неподготвен од група која дејствуваше исклучиво од изолираната и внимателно надгледувана енклава Газа.
Настаните од 7 октомври урнаа многу илузии. Надворешните набљудувачи и учесниците исто така беа на став дека повеќедеценискиот конфликт меѓу Израел и Палестина е нерешлив, и дека со него може само да се управува. Новата надеж беше дека Израел може да постигне мир и да воспостави дипломатски односи со соседните арапски земји без да го реши проблемот поврзан со палестинското прашање. Мирот на Блискиот Исток би се постигнал без вклучување на Палестинците или создавање палестинска држава. Сега знаеме дека ова било само обична илузија.
Во 1947 година, кога британското управување со Палестина се приближуваше кон својот крај, Генералното собрание на Обединетите нации усвои Резолуција 181 со која се обиде територијата да ја подели на две држави – едната еврејска, а другата арапска. Но, откако Израел прогласи независност во 1948 година, пет соседни арапски земји извршија инвазија и започнаа војна која, во една или друга форма, продолжи до ден-денес.
Опциите за прекин на конфликтот речиси и да не се променија. Теоретски гледано, едната страна би можела да надвладее така што ќе ја освои целата земја на подрачјето помеѓу реката Јордан и Средоземното Море и да ја протера поразената страна. Но, таквиот исход никогаш нема да помине кај меѓународната заедница во денешниов дваесет и први век. Единствената опција, значи, е двете страни да прифатат компромис со формирање на две држави со блиски меѓусебни економски врски – исто како и решението што мнозинството членки на ОН го замислија пред толку време.
Откако се случи 7 октомври, речиси заборавеното решение за формирање на две држави повторно се појави во дебатите за завршување на актуелната војна во Газа и за решавање на повеќегодишниот (и постојано крвав) конфликт во овој регион еднаш засекогаш. Но, дали овој повторен интерес е само израз на очај пред непремостливата дилема или, сепак, претставува сериозна посветеност на тоа да се дојде до единственото (иако исклучително тешко) решение?
Решението во вид на две држави последен пат беше сериозно разгледувано веднаш по Договорот во Осло склучен на почетокот од 1990-тите години, кога многумина мислеа дека тоа решение е на дофат. Но тој момент ненадејно заврши со атентат на израелскиот премиер Јицак Рабин извршен од десничарски израелски националист во 1995 година. Иако имаше обид да се спаси патоказот од Осло, од него остана само бледа сенка. Откако претседателот на Палестинската ослободителна организација Јасер Арафат ја направи историската грешка во верување дека ќе успее да го „фрли“ Израел на колена со терористичка кампања (Втората интифада), овој процес беше осуден на пропаст.
Оттогаш досега, процесот во Осло не претставува ништо друго освен трагичен потсетник за тоа што можело да биде. Решението што се нудело тогаш денес изгледа подалечно од кога било. Поради притисокот во вид на терор и окупација, и поттикнати од екстремните фракции во нивните редови, двете страни сè повеќе се движат во насока на насилство и конфронтација – што кулминираше со ужасниот масакр извршен врз израелските цивили на 7 октомври.
Како би можело да функционира сега решението со две држави? Најпрвин двете страни ќе мора да ги прифатат легитимните барања на другиот. Не може да се бара од Израел да направи компромис за својата безбедност; и не може да се очекува од Палестинците да се откажат од независна држава со безбедни граници или да го прифатат грабежот на земјиште на Западниот Брег од страна на израелските доселеници.
Откако ќе заврши војната во Газа, итен приоритет ќе биде развивањето на нови параметри за еден ревитализиран мировен процес; реформирање на нефункционалната палестинска национална управа и реконструирање на израелското раководство. Ако екстремно десничарската влада на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху остане на власт, секој напор за рестартирање на мировниот процес ќе биде мртов во самиот старт.
Покрај тоа, обновениот мировен процес е нешто што ќе бара огромна воена, политичка и финансиска помош овозможена од кредибилна надворешна страна. Сепак, бидејќи регионот и светот се радикално променети од времето на договорите од Осло па досега, Западот (САД и ЕУ) повеќе не може сам да ја преземе оваа задачата. Ќе биде потребно да се вклучи и Кина. Без една ваква поширока констелација на посредници, нема да биде можно да се неутрализира иранската мрежа на отфрлачи – радикални терористи со присуство во целиот регион.
Само со нови идеи, нои луѓе, со взаемна подготвеност за мирен компромис и со нова „надворешна страна“ која ја одразува актуелната геополитичка реалност, сонот за постигнување мир на Блискиот Исток ќе има нова шанса. Седми октомври покажа дека статус квото на Блискиот Исток е исто толку опасен колку што е неодржлив. Конфликтот сепак може да ескалира во секое време, со страшни последици за целиот свет. Мирот меѓу Израел и Палестина не е само возвишен дипломатски сон – тоа е практична политичка неопходност за доброто на глобалната стабилност во дваесет и првиот век.
Јошка Фишер