среда, 4 декември 2024

Република Српска на инвеститорите им гарантира замрзнување на цената на струјата, граѓаните ги чека поскапување

Властите на Република Српска најавија дека на инвеститорите кои ќе почнат да работат во тој ентитет на Босна и Херцеговина пет години ќе им биде обезбедена поповолна цена на електричната енергија во момент кога тамошното електростопанско претпријатие бара поскапување на струјата за 20 отсто.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Премиерот на РС Радован Вишковиќ најави на конференцијата Инвест Српска дека ентитетската влада ќе гарантира замрзнување на цената на електричната енергија цели пет години за сите инвеститори. Тој додаде дека такви погодности ќе им се овозможат на оние инвестиции кои носат напредни технологии и обезбедуваат натпросечни плати за работниците.

„Република Српска ќе ја зачува својата енергетска независност и ќе најде начини за одговарање на сите притисоци“, наведе Вишковиќ.

На конференцијата Инвест Српска 2024, која трае два дена, присуствуваат претставници на домашни и странски институции, бизнисмени и инвеститори од 29 земји од светот. Настанот го организира Инвестициско-развојната банка на Република Српска во соработка со владата на РС со поддршка од претседателот Милорад Додик.

Истовремено, Електростопанство на Република Српска поднело барање до регулаторот за поскапување на електричната енергија за стопанството и граѓаните до 20 отсто. Најавата за можно поскапување предизвика загриженост меѓу населението и бизнис заедницата, особено бидејќи просечната плата во моментов покрива едвај половина од трошоците за потрошувачката кошничка.

И покрај негодувањето на јавноста, ентитетската влада одлуката за поскапувањето веќе ја донела, а би требало да стапи на сила од почетокот на следната година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ