петок, 4 октомври 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Растечката криза во регионот Сахел (Нигер)

Во последниве години, случувањата во државата Нигер (поточно, во целиот регион на Сахел во Северна Африка) речиси и да не го привлекоа вниманието на поширокиот свет, освен во Париз, каде што француските креатори на политики се оние кои сè уште се интересираат за франкофонска Африка. Но, она што во корен ги промени работите беше воениот удар во Нигер кој се случи на 26 јули.

Државата Нигер, инаку претходно релативно стабилна и демократска, се сметаше за последниот бедем против ширењето на насилството и на политичките превирања во регионот, од кои повеќето беа поттикнати од џихадистичките движења кои се поврзани со Ал Каеда и Исламската држава. Делумно поради граѓанската војна во Либија, овие групи успеаја да го заземат северниот дел на Мали на почетокот на 2012 година, со што ја принудија Франција воено да интервенира за да спречи главниот град Бамако да падне во рацете на екстремистичките бунтовници.

Таа епизода доведе до еднодецениски меѓународен воен ангажман со цел да се спречи џихадистичката закана и да се стабилизира регионот. Една по друга, воените операции беа спроведени од Франција, Европската Унија, Соединетите Држави и од држави во Африка. Најголема беше мировната мисија на Обединетите нации која беше распоредена во Мали во 2013 година и која мобилизираше околу 15.000 мировници.

Во меѓувреме, ЕУ испрати мисии за обука, Франција спроведе одвоени антитерористички операции а САД постепено го зголемија своето учество со обезбедување на воена и други форми на поддршка.

И покрај обемот на овие интервенции, тие беа само делумно успешни. Мировниот договор од 2015 година кој беше склучен во Алжир, се обиде да го премости политичкиот јаз меѓу северниот и јужниот дел на Мали, но тој договор не беше совршен. Безбедносната ситуација во земјата постепено повторно се влошуваше а во 2020 година во Мали имаше државен удар по кој следеше уште еден по само една година.

Водачите на пучистите потоа се свртеа против напорите на меѓународната заедница за ангажман во земјата. Кон крајот на 2021 година, тие ја поканија руската платеничка група Вагнер да им обезбеди помош и побараа Французите да си заминат, што доведе до зголемена несигурност во земјата. Вагнер ги зазеде поранешните воени бази на Франција и спроведе операции кои речиси воопшто не водеа сметка за животите на цивилите. Еден од нивните врвни приоритети беше да се обезбеди пристап до економските ресурси на Мали, во прв ред минерали.

Во текот на оваа година, режимот кој со пуч дојде на власт побараа од ОН да си заминат. Мировниците сега се пакуваат и предвидено е целосно да заминат пред крајот на годинава. Малку работи вистински останаа од договорот со Алжир а џихадистичките групи презедоа контрола над поголемиот дел од северот на земјата. Оттаму, нивното насилство се прелеа и во блиската Буркина Фасо, во која последователно се случија два државни удари во 2022 година. Државниот режим на Буркина Фасо кој исто така дојде на власт со пуч го следи истиот модел на однесување како во Мали и, наводно, ги донесе Вагнер, повторувајќи го така истиот циклус и дополнително поткопувајќи ја безбедноста во земјата и во целиот регион.

Токму во еден таков контекст се случи актуелната криза во Нигер. Станува збор за една од најсиромашните земји на светот, а исто така е и една од земјите со најмладо население. Вкупната популација во оваа земја е околу 25 милиони луѓе а се очекува оваа бројка да достигне 70 милиони луѓе до средината на овој век. Бидејќи поголемиот дел од територијата на земјата се состои од пустина, таа е зависна од странска помош со околу 40% во својот буџет.

Сепак, поради својата демократска позадина и релативно силно досие во борбата против исламистичката и против нестабилноста која (сега) е поттикната од Русија, таа стана центар на напорите за меѓународно ангажирање во регионот. Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, ја посети земјата во почетокот на месец јули и притоа го пофали претседателот Мохамед Базум (кој сега е приведен) за она што го постигна неговата влада, ја посети исто така и безбедносната мисија на ЕУ и ја пресече лентата на големата нова електрична централа за соларно производство на енергија.

Своето присуство во Нигер исто така го зголемуваат и САД. Тие трошат 110 милиони долари на база за беспилотни летала во близина на градот Агадез. Во времето кога се случи пучот, во земјата се наоѓаа повеќе од илјада лица американски персонал. Слично на тоа, Франција имаше 1.500 војници во Нигер, а ним им се придружија и војници од Италија, Германија и Канада.

Овие државни удари кои се случуваат едно по друго претставуваат суштинска закана за преостанатите демократски земји во Западна Африка. Најголемата сила во регионот, Нигерија, го предводи поширокиот одговор на кризата, при што нејзиниот неодамна избран претседател Бола Ахмед Тинубу отиде толку далеку што се заканува и со воена интервенција против пучистите во Нигер. Иако предност секогаш треба да ѝ се даде на дипломатијата, интересот кој го имаат Нигеријците за нивниот сосед е разбирлив. Премногу работи се во игра за да можат да останат рамнодушни.

Истото ова важи и за Европа и за многу други земји, без разлика дали тие сакаат тоа да го прифатат или не. Постепениот колапс на владите во земјите од Западна Африка ќе ја отвори вратата за понатамошно проширување на филијалите на Исламската држава и на Ал Каеда, а влијанието на овие групи ќе доведе до хуманитарни, безбедносни и миграциски предизвици за кои нема да има лесни одговори. Не треба да бидат загрижени само Западот и соседите на Нигер туку, како втор најголем инвеститор во Нигер, треба да биде загрижена и Кина.

Засега се надеваме дека сеопфатната регионална дипломатија ќе овозможи враќање на стабилноста во Нигер. Но, ако дипломатијата не успее, поверојатни ќе станат другите опции, како што е воена интервенција (која се оспорува) а тоа ќе доведе до уште поголеми проблеми во регион кој ионака е веќе оптоварен со многу други работи.

 

                                                                                                                                             Карл Билт (Carl Bildt)

КОЛУМНИ

Весна Попоска

Целта (не секогаш) ги оправдува средствата

Стефан Митиќ

Како малите промени можат да направат голема разлика

Рајко Пеколски

Човек 2.0 (бета)

Кристина Пота Радуловиќ

Анксиозност, треперливиот немир во нас

Joшка Фишер

Колку посилни националистички сили, толку послаба Европа

Соња Стојадиновиќ

 Денешните битки за утрешната безбедност

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ