„Во оваа клучна фаза за својот пат кон европската и евроатлантската интеграција, Косово мора да замрзне, да го отповика, како што велите, билатералниот дијалог со Србија без краен рок и да се стреми кон нормализирање на односите со северниот сосед преку билатерален дијалог со ЕУ, да ја пресече папочната врвца на националистичкиот реципроцитет со Србија и да ја поврзе папочната врвца на европскиот реципроцитет со ЕУ“, нагласи Рама.
Рама зборуваше за патот на Косово и Албанија кон интеграциите во ЕУ.
„Пред 20 години, претседателот Ибрахим Ругова рече нешто за нас што важи и денес, потсетувајќи нè, цитирам, дека „заедничките цели на Косово и Албанија се интеграција во ЕУ, НАТО и трајно пријателство со САД“. Со потполно уверување велиме дека денес Албанците генерално се на пат кон напредок, тие се најдинамичните луѓе во овој дел од Европа и светот и имаат шанса да му се приклучат на европското семејство“, нагласи Рама.
Според Рама, подобро би било Косово и Албанија да одат рамо до рамо.
„Додека Албанија сега забрзано е на пат кон Европа, замислете колку би биле горди сите Албанци, каква поголема вредност би им дале на името на Албанците и на силата на Албанија каде и да живеат Албанците, кога би биле на овој пат рамо до рамо со Косово“, рече Рама.
Тој ги нарече апсурдни мерките на ЕУ против Косово.
„Моја жестока желба е да не бидеме едните на преговарачка маса за членство во ЕУ, а другите на списокот со санкции на ЕУ, што е апсурден апсурд… Заедно со претседателката (Вјоса Османи) на Самитот со ЕУ – пред два дена инсистиравме тие мерки да се отстранат“, рече албанскиот премиер.
Тој рече дека вината за деградацијата на дијалогот Косово-Србија треба да падне на Србија.
„Рака под рака, мирољубиви и чувајќи го мирот, ќе ги убедиме и најголемите скептици во ЕУ во апсурдноста на нивните резерви за признавањето на Косово како суверена држава, а во нивните очи товарот на вината за деградацијата на нормализирањето на дијалогот треба да падне само на Србија, но никогаш не смееме да дозволиме да падне ниту еден грам на Косово“, рече тој.
Тој изрази надеж и очекување дека Косово што е можно поскоро ќе биде признаено од сите оние европски земји што не сакаат да ја прифатат „неповратната и непроменлива реалност на неговата независност, вклучително и самата Србија, која Косово ја победи во војна пред 20 години“.
Косовскиот премиер Аљбин Курти рече дека Косово и Албанија имаат обврска не само кон граѓаните на двете земји, туку и кон Албанците во Македонија, Црна Гора, а особено кон оние во Србија.
„Албанците под Србија се најдискриминираната етничка заедница во Европа, затоа заслужуваат поголемо внимание во координацијата на регионалните политики на Албанија и Косово. Албанците не се виновни што се автохтони“, рече тој.
Тој додаде дека косовската влада во буџетот за следната година издвоила четири милиони евра за Прешевската долина и изрази надеж дека и Албанија ќе го следи примерот.
Курти издвои четири категории на кои, според него, владите треба да обрнат повеќе внимание.
„И на Косово и во Албанија сметам дека треба да посветиме посебно внимание на четири категории: активирање и права на жените, младите, дијаспората и развојот на нашите села и планини“, рече Курти.