понеделник, 7 октомври 2024
Бугарскиот претседател пред средбата со македонската претседателка

Радев: Време е да ја посетам Северна Македонија, очекувам да ги исполни обврските кон Бугарија

Време е за моја официјална посета на Република Северна Македонија и очекувам да ги исполни сите свои обврски и кон нас и кон Европската Унија, изјави денеска претседателот на Бугарија Румен Радев пред средбата со претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, која е во посета на Софија. Радев рече дека Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Македонија и дека очекува „овој дијалог да придонесе кон нашето културно зближување, но и да ја поттикне економската соработка“.

Фото: Фесбук на бугарскиот претседател

Објавено на

часот

Сподели

„Владата на Република Северна Македонија сè уште не ја напуштила изборната реторика. Потребно е да се вратиме во реалноста, Нашите односи ќе зависат од склучените договори“, изјави Радев.

Тој потенцира дека ангажманот на раководството на Македонија во врска со Коридорот 8 ќе биде јасен индикатор за вистинските европски амбиции и за поголема поврзаност во регионот.

„Очекувам дека изразената желба за дијалог и разбирање од страна на претседателката Сиљановска Давкова ќе остане како доследна политика на владата на Северна Македонија. Ние строго ќе го следиме протоколот. Време е и за мојата официјална посета на Република Северна Македонија“, посочи Радев.

На прашање дали веќе има таква покана, Радев одговори дека во врска со ова прашање ќе се разговара со претседателката на Македонија.

Инаку, претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова вечерва во софиската Национална опера и балет ќе ја гледа операта „Набуко“ во изведба на македонската Национална опера и балет, а на овој настан е најавено да присуствува и бугарскиот претстедател Румен Радев.

„Ова гостување е дел од договорот за соработка потпишан во ноември 2023 година меѓу националните опери на двете држави, а следува по настапот на софиската Опера и балет на годинашните ‘Мајски оперски вечери’ со Вагнеровата опера ‘Валкира’“, соопштија од македонското Министерство за култура и туризам.

Во Софија се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ