Новата Ботаничка градина се простира на 12.600 квадратни метри, каде ќе бидат засадени повеќе од 4.600 уникатни дрвја и садници, ќе се постави нова урбана опрема, видиковци и бројни други содржини за посетителите.
Уредувањето на градината се одвива етапно во фази, екипите на ЈП Улици и патишта работат на изградба на пешачките патеки, додека екипите на ЈП Паркови и зеленило поставуваат хидрантска мрежа и систем за наводнување пред целосно зазеленување на просторот.
Во градината ќе се засадат автохтони видови растенија кои се природно распространети во Македонија, но ќе има и алохтони видови – растенија донесени однадвор. Ќе се засадат и ендемични растенија кои што се специфични само за Македонија.
„Скопје и неговите граѓани заслужуваат модерни и еколошки содржини кои ќе придонесат за унапредување на животната средина“, рече градоначалничката Данела Арсовска.