Русија вчера истрела повеќе од 200 ракети и беспилотни летала, оставајќи без струја повеќе од милион домаќинства, според извештаите на украинските власти. Путин рече дека Москва ги извршила нападите како одговор на украинските напади на руска територија користејќи американски ракети со среден дострел АТАКМС.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија за „подла ескалација“, велејќи дека користела крстаречки ракети со касетна муниција.
Украина вчера ја повика меѓународната заедница да реагира на заканите на Путин за напад на државни цели во Киев, обвинувајќи го за „уцена“ со цел да ја тестира претстојната администрацијата на Доналд Трамп.
„Очекуваме земјите кои повикуваа на спречување на ескалацијата на војната да реагираат на изјавите на Путин изнесени денеска“, изјави портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи Георгиј Тихи.
Тој ја опиша реториката на Путин како „уцена“ со цел да се одвлече вниманието на партнерите на Киев и да се тестира новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој вети брз крај на конфликтот, но не го детализираше планот.
„Путин очигледно со тие изјави се обидува да влијае на новата американска администрација и да покаже колку е слаба таа администрација“, рече Тихи.
Портпаролот се осврна и на коментарот на висок американски функционер кој во средата рече дека Украина не мобилизира доволно војници за да ги замени оние што загинале на фронтот и го повика Киев да ја намали возраста за мобилизација од 25 на 18 години.
„Сега сме во ситуација кога ни е потребна поголема количина на опрема за да ги вооружиме сите луѓе кои се веќе мобилизирани и веруваме дека прв приоритет е побрзо и поитно испраќање воена помош“, рече Тихи за новинарите во Киев.
Путин вчера предупреди дека Русија ќе го употреби сето оружје со кое располага против Украина доколку Киев се стекне со нуклеарно оружје.
Њујорк тајмс минатата недела објави дека некои неименувани западни функционери предложиле американскиот претседател Џо Бајден да ѝ предаде нуклеарно оружје на Украина пред крајот на неговиот мандат.
„Ако земјата со која практично сме во војна сега стане нуклеарна сила, што да правиме? Во тој случај, ќе ги искористиме сите, а тоа сакам и да го нагласам, токму сите средства за уништување со кои располага Русија. Сите: нема тоа да го дозволиме. Ќе го следиме секој нивни чекор“, рече Путин на прес-конференција во Астана, Казахстан.
„Ако некој официјално пренесе такво оружје, тоа би значело кршење на сите обврски за неширење на нуклеарното оружје што ги презеде“, додаде Путин.
Путин, исто така, рече дека е практично невозможно Украина да произведе нуклеарно оружје, но дека може да направи некаков вид „валкана бомба“, конвенционална бомба со радиоактивен материјал наменет да шири контаминација. Во тој случај Русија адекватно би реагирала, рече тој.
Русија постојано тврди, без да обезбеди докази, дека е можно Украина да користи таков уред, потсетува Ројтерс.
Минатата недела рускиот претседател ја измени нуклеарната доктрина на Русија за да ја прошири листата на сценарија кои би можеле да доведат до употреба на нуклеарно оружје. Тој, исто така, ја пофали новата руска ракета, која беше истрелана за прв пат врз украинскиот град Днипро минатата недела, велејќи дека нејзината деструктивна моќ е споредлива со онаа на нуклеарно оружје, иако не носи нуклеарна боева глава.
Украина наследи нуклеарно оружје од Советскиот Сојуз по неговиот распад во 1991 година, но се откажа од него според Меморандумот од Будимпешта од 1994 година во замена за безбедносни гаранции од Русија, САД и Велика Британија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано го критикуваше потегот, тврдејќи дека тоа ја остави неговата земја незаштитена, што тој го наведува како причина зошто Украина треба да се приклучи на НАТО, на што Москва силно се противи.