Во интервју за ТВ Русија 1 Путин беше запрашан дали „големата вмешаност на САД во конфликтот меѓу Русија и Украина значи дека третата светска војна веќе почнала“.
„Знаете, не треба да се заплашуваат луѓето“, одговори рускиот претседател. Сепак, тој додаде дека „има многу опасности и тие постојано се зголемуваат“.
„Гледаме што прават нашите сегашни противници. Тие ја ескалираат ситуацијата“, рече Путин откако беа споменати плановите на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден драстично да го зголеми количеството на испораките на оружје во Украина во последните недели на функцијата.
„Ако толку многу го сакаат тоа, ако нивниот живот е толку лош, нека ескалираат“, нагласи претседателот во разговорот снимен по неговата прес-конференција на крајот на годината во четвртокот.
Русија „секогаш ќе одговори на секој предизвик“ што доаѓа од Западот, рече тој.
„И кога нашите сегашни противници – а можеби и потенцијални партнери – конечно ќе го слушнат, разберат и сфатат ова, ми се чини дека во тој момент ќе дојде сознанието дека она што е потребно е да се бараат компромиси“, рече тој.
Москва е подготвена да се обиде да ги обнови врските со САД и нивните сојузници, но тоа треба да се случи само „без да им се наштети на нашите интереси“, посочи Путин.
Тој ја спореди сегашната ситуација со Кримската војна од 1853-1856 година, која некои историчари и експерти ја нарекуваат нулта-светска војна, во која „речиси сите европски сили учествуваа против Русија“.
„И покрај сето ова, ситуацијата се менуваше, дојде периодот на Првата светска војна, каде што истите земји што се бореа против нас се покажаа како наши сојузници… Сѐ се менува, само интересите, во овој случај, на Русија и нејзиниот народ, останаа непроменети“, рече тој.