„Нашите земји разработија долгорочни заеднички планови, како во економската, така и во хуманитарната сфера“, рече Путин, а пренесе државната агенција ТАСС.
„Нашите трговски односи успешно се развиваат“, додаде Путин, пренесува Интерфакс. „Вниманието што двете влади го посветуваат на економските и трговските односи покажува резултати“, додаде тој.
Пред средбата со Путин, Ли разговараше со рускиот премиер Михаил Мишустин. Путин рече дека Мишустин и Ли „потпишале голем број билатерални договори насочени кон подобрување на соработката“, со главен фокус на енергетиката.
Мишустин рече дека Русија е најголемиот снабдувач на Кина со нафта и додаде дека „во блиска иднина ќе го заземе првото место и за природен гас“.
Путин последен пат ја посети Кина во мај. Двете земји делат антагонизам кон Западот, а во последните години се зближија и прогласија стратешко партнерство.
Сепак, многу набљудувачи веруваат дека економската велесила Кина го има главниот збор во овој сојуз, оставајќи ја Русија во улога на снабдувач на суровини и помлад партнер.