четврток, 27 февруари 2025

Путин до Европа: Прекинете со саботажите на преговорите меѓу Русија и САД

Рускиот претседател Владимир Путин ги предупреди „западните политички елити“ да не го саботираат приближувањето на Русија и Соединетите Американски Држави, порачувајќи дека Москва ќе ги употреби своите дипломатски и разузнавачки служби за да ги сузбие таквите обиди.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Обраќајќи се на руската безбедносна служба ФСБ, наследничката на советски КГБ и агенцијата која некогаш ја предводеше, Путин кажа дека е задоволен од начинот на кој напредува подобрување на врските меѓу Москва и Вашингтон иако е само зачеток. „Забележувам дека првите контакти со новата американска администрација будат одредена надеж. Постои обострана волја за работа на обнова на меѓувладините врски и постапното решавање на големиот број системски и стратегиски проблеми кои се натрупаа во светската безбедносна архитектура“, кажа Путин.

Тој го поздрави тоа што актуелните партнери на Русија покажуваат, како што кажа, прагматизам и реализам и ги напуштаат идеолошките клишеа на своите претходници, за кои кажа дека ја предизвикаа кризата во меѓународните односи, што очигледно се однесува на администрацијата на претходниот американски претседател Џо Бајден. Но, Путин истакна дека е јасно дека не ја поддржуваат сите земји идејата за стоплување на односите меѓу двете најголеми нуклеарни сили во светот.

„Разбираме дека не се сите среќни со продолжувањето на руско-американските контакти. Некои западни политички елити се и понатаму решени во тоа да ја задржат нестабилноста во светот, а тие сили ќе се обидат да го нарушат или загрозат почнатиот дијалог“, кажа Путин.

„Мораме да бидеме свесни за тоа и да ги искористиме сите можности во смисла на дипломатијата и нашите разузнавачки служби да ги спречиме таквите обиди“, истакна рускиот лидер.

Се чини дека неговите коментари се однесуваат на Европската Унија и Британија, кои изразија загриженост поради можноста за руско-американски преговори за завршување на војната во Украина, при што на преговарачката маса не би биле Киев и ЕУ.

Путин, кој кажа дека и понатаму се надева дека е можно да се создаде „врамнотежен европски и глобален безбедносен систем, кажа дека верува дека Западот е во сериозна криза. „Вие и јас тоа го гледаме“, им кажа Путин на шефовите на ФСБ. „Почнаа да го уништуваат западното општество одвнатре. Доказ за тоа се проблемите во економиите на многу западни земји и во нивните внатрешни политики“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ