понеделник, 14 октомври 2024

Пучдемон, иако во егзил, повторно е во позиција да ја разниша Шпанија до темел

Објавено на

часот

Сподели

Левицата и десницата се изедначени во шпанскиот парламент и клучни се седум пратеници на сепаратистичката партија Џунтс, основана и под контрола на Пучдемон, иако живее во Белгија, во предградието на валонскиот град Ватерло.

Се соочуваат со избор – дали да обезбедат Педро Санчез да остане премиер или да предизвикаат нови избори, кои би можеле да ѝ дадат уште една шанса на десницата да дојде на власт, пишува Политико.

„Никому ништо не должиме, освен на нашите гласачи. Нашите гласачи, нашата програма, нашите обврски, тоа беа и се насоките на нашите политички дејствија“, напиша Пучдемон на Твитер по изборите.

Каталонската независност веќе неколку години е далеку од главното политичко прашање на Шпанија, но лидерот на Џунтс е решен да ја искористи шансата што му се укажа и беше јасен: за поддршка ќе бара сѐ што досега е одбиено.

Тој сака амнестија, не само за себе, туку и за сите поврзани со референдумот во 2017. Тој исто така сака Каталонија да може да гласа за самоопределување, но овој пат со официјална поддршка на Мадрид.

Вицепремиерката Марија Хесус Монтеро веќе ги отфрли двете барања и рече дека преговорите мора да се водат во рамките на законитоста дефинирана со шпанскиот устав.

Тоа не ги обесхрабри Пучдемон и партијата, тие инсистираат на своите барања и по цена на нови избори.

Тој директно учествува во преговорите на лично барање, а неодамна на Твитер, или сега платформата Икс, зборуваше за своето искуство во егзил, од редовни закани до валкани кампањи и пронаоѓање на уред за следење во своето возило.

Сепак, тој наведува дека тоа нема да влијае на условите или одлуките во преговорите. Пучдемон не сакаше да зборува за Политико, но тоа го направи неговата сопруга, романската новинарка Марсела Топор, која истакнува дека нејзиниот сопруг отсекогаш бил подготвен за овој момент.

„Во политиката, сѐ може да се случи во секој момент, тоа е дел од неговата работа, неговиот живот“, вели Топор.

Иако живееле релативно нормален живот во Белгија, Топор не ги заборава бројните закани, а имало и инциденти во кои гневните Шпанци „правеа грди работи на нашата куќа“.

Таа и нивните две ќерки се вратија во Каталонија, а Пучдемон сѐ уште е во релативна изолација.

Од друга страна, неговиот сопартиец Тони Комин, кој исто така е баран од шпанските власти, живее во Белгија, но целосно е интегриран. Тој живее во Левен, во Фландрија, и претставува партија во Европскиот парламент, но истакнува дека тоа не значи дека егзилот е помалку неправеден.

Комин за Политико изјави дека сѐ уште нема формални преговори и дека чека некој да го направи првиот потег. „Не би сакале сценарио на повторување на изборите, но немаме ниту проблем со тоа“.

Но, новите избори носат ризик партијата да биде казнета и да ја изгуби својата политичка сила, а уште поголема опасност е доаѓањето на власт на десницата, што за каталонските сепаратисти би значело многу понепријателски однос на владата.

„Ако Санчез докаже дека е подобар од Народната партија, ќе гласаме за него. Тоа може да го докаже ако ни даде амнестија и референдум“, рече Комин.

Топор вели дека целта на нејзиниот сопруг е да најде решение за Каталонија, а не за себе.

„Ако сакаат да преговараат, Карлес е таму, тој секогаш бил таму. Ако не, тогаш ќе одржиме нови избори“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ