сабота, 14 декември 2024
Научна конференција за македонскиот јазик во Грција

Проучувањето на јазиците е придонес за развојот на добрососедските односи

За перспективите на културната соработка на академско ниво со фокусот ставен на македонскиот јазик, ќе дискутираат македонски и грчки професори на настанот што денеска ќе се одржи во Солун, а дел од учесниците, професорката Александра Јоаниду и професорот Владимир Мартиновски ја истакнуваат важноста на конференцијата.

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за научна конференција што е прва од ваков тип на академско ниво на која домаќин е Грција, а ќе се одржи во амфитеатар на Универзитетот „Македонија“ во Солун и е во организација на Лабораторијата за култура, граници и родови при Катедрата за балкански, словенски и ориентални студии на солунскиот Универзитет во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Деканот на Филолошкиот факултет, професор Владимир Мартиновски за МИА вели дека меѓусебното запознавање на академските заедници и студентите преку вакви соработки несомнено ќе придонесат и во развојот на добрососедските односи.

„Научната конференција на Универзитетот Македонија во Солун е одлична можност да ја поттикнеме, зајакнеме и развиеме академската соработка во доменот на филолошките науки и хуманистиката. Меѓусебното запознавање преку проучувањето на јазиците, литературите и културите, поттикнувањето на мобилноста на студентите и на наставниот кадар, долгорочното вложување во едукацијата и усовршувањето на книжевните преведувачи несомнено ќе придонесат и во развојот на добрососедските односи“, вели професор Мартиновски.

Професорката Александра Јоаниду за МИА посочува дека настанот „има за цел да ја зацврсти долго планираната соработка помеѓу Универзитетот во Скопје и Универзитетот Македонија“.

„Официјалното признавање на македонскиот јазик со Договорот од Преспа требаше да се спроведе и во академската средина за конечно да започне плодна размена на идеи, култура, знаење и соработки на академско ниво. Овој настан го сметам за многу важен настан кој сигнализира не само желба и расположение да се променат кон подобро односите меѓу нашите два народа, туку и трансформација на теоријата во пракса, нагласува професорката Јоаниду.

Според официјалната програма на научната конференција, освен професорите Јоаниду и Мартиновски ќе учествуваат и професорките Румена Бужаровска, Весна Мојсова-Чепишевска и Елени Сидери, професорот Јоанис Манос, асистентката Елена Ѓорѓиовска, д-р Кица Колбе, д-р Евангелос Киријаку, Марија Думпа и Фотис Сионис.

Настанот е најавен со специјален постер на кој е вклучено едно од уметничките дела на македонскиот сликар Лазар Личеноски.

Професорките Александра Јоаниду и Румена Бужаровска веќе имаат соработка, со оглед на тоа дека две од книгите на македонската авторка се веќе преведени од македонски на грчки јазик, во превод токму на професорката Јоаниду.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ