Обвиненијата, поднесени од окружната обвинителка на САД Фани Вилис се последните правни проблеми за Трамп, фаворит во трката за номинација на републиканците на претседателските избори во 2024 година. Обвинителите истакнаа 11 точки од обвинението против Трамп и неговите соработници, вклучително и фалсификување и рекетирање, кои вообичаено се користат против припадници на групи на организиран криминал.
Тие обвинија 18 други лица, меѓу кои Марк Медоус, поранешен Трампов шеф на кабинет во Белата куќа и адвокатите Руди Џулијани и Џон Истман.
Случајот се заснова на телефонскиот повик на Трамп на 2 јануари 2021 година со највисокиот изборен функционер во Џорџија Бред Рафенспергер барајќи од него да „најде“ доволно гласови за да го поништи неговиот тесен пораз во државата, што Рафенспергер одбил да го направи.
Четири дена подоцна, на 6 јануари 2021 година, и две недели пред Трамп да ја напушти Белата куќа, неговите поддржувачи упаднаа во американскиот Капитол во неуспешен обид да ги спречат конгресмените да ја потврдат победата на Бајден.
Трамп веќе се изјасни за невин по три кривични пријави. Тој се соочува со судење во Њујорк, кое ќе започне на 25 март следната година, во врска со исплата на пари за замолчување на порно глумица и судење во Флорида, кое ќе започне на 20 мај, за незаконско чување на доверливи документи.
Третото обвинение, поднесено против него во Вашингтон, го товари за незаконски обид да го оспори својот пораз на изборите во 2020 година, а датумот на судење сè уште не е одреден. Џорџија, некогаш претежно републиканска држава, стана една од неколкуте неизвесни држави кои одлучуваат за исходот на претседателските избори.
Трамп истрајува во лажните тврдења дека победил на изборите во ноември 2020 година, иако десетици судски постапки и државни истраги не нашле никакви докази за поддршка на тие тврдења.