Бобан Томески, со повеќе од една деценија искуство на клучни позиции во осигурителниот сектор, ја презема функцијата од Маја Станковска Костова која ја водеше компанијата изминатите пет години.
„Управувањето со Кроациа осигурување – живот, друштво кое е лидер на пазарот за осигурување и најстара осигурителна компанија за животно осигурување во Македонија, е голема привилегија, но и одговорност за водечката личност. Во текот на петгодишниот мандат, Маја Станковска Костова даде значаен придонес за развојот на друштвото, за подобрување на услугите кон клиентите, креирање прилагодени понуди на производи како и зголемување на профитабилноста. Ѝ благодариме за досегашниот ангажман и за сето она што го постигна, и ѝ посакуваме успешна кариера надвор од компанијата. На Бобан Томески му посакуваме многу успех на новата функцијата – извршен член на Одборот на директори и во водењето на друштвото кон нови деловни достигнувања“, изјави Марио Батарило, претседател на Одборот на директори на Кроациа осигурување – живот АД Скопје.