петок, 13 декември 2024

Професорката Ванковска разрешена од раководителка на Центарот за глобални промени заради процедурални пропусти во организација на меѓународна конференција

Универзитетската професорка Билјана Ванковска на социјалните мрежи објави дека е разрешена од позицијата – раководител на Центарот за глобални промени при Филозофскиот факултет, поради конференцијата „Кооперативен мултиполарен систем: Во потрага по нов светски поредок“, што се одржа на почетокот на октомври, оваа година.

Објавено на

часот

Сподели

Професорката Ванковска, односно Центарот за глобални промени беше организатор на таа меѓународна конференција, на која учествуваа еминиентни научни имиња од областа на мировните, безбедносните и геополитичките теми, како Јан Оберг од Данска, Веивеи Џанг од Кина, Радика Десаи од Канада, Ричард Саква од Обединетото Кралство…

Сте ја гледале драмата Сократовото судење и смрт? Е па денес мојот драг факултет ме осуди како Сократ. Без воопшто некој да разговара со мене или да ми навести проблем, ме разрешија од раководител на Центарот за глобални промени (неплатена ‘функција’) поради големата конференција во октомври.

Според она што го знам, сум направила некое недозволено дело, зашто собиравме донации најмногу од дијаспората. Повеќе податоци немам, но знам дека ова е сега голем скандал за УКИМ, бидејќи странските колеги застануваат зад мене и мојата чесна (и неплатена) работа. Јас сум веројатно единствен идиот кој дал свои пари за конференција од која не зел ни денар“, напиша професорката Ванковска на социјалните мрежи.

Центарот за глобални промени постои и работи во рамките на Филозофскиот факултет при УКИМ, каде е донесена одлуката за разрешување од раководната позиција на професорката Билјана Ванковска. За причините за нејзиното разрешување се обративме кај деканот на Филозофскиот факултет, Оливер Бакревски, кој потврди дека е донесена таква одлука на деканската управа, но дека сè уште не е изготвено решението, како документ кој треба да ѝ биде врачен на „засегнатата страна“, т.е. професорката Ванковска. Деканот Бакревски истакна дека во решението ќе бидат наведени аргументите за таквата одлука, но пред да биде изготвен документот и да ѝ биде предаден на „засегнатата страна“ не сакаше „неофицијално и паушално“ да говори за причините за таквата одлука на деканската управа. Единствено што наведе Бакревски е дека се работи за „некакви чекори и постапки надвор од предвидената процедура“ при организацијата на меѓународната конференција од страна на Центарот за глобални промени.

Во разговор за Мкд.мк, професорката Билјана Ванковска вели дека воопшто не знаела дека меѓународната научна конференција, која ја организирала во својство на раководител на Центарот за глобални промени била точка на дневен ред на деканската управа на Филозофскиот факултет, која се одржала вчера. Исто така потврди дека таа не добила решение дека е разрешена од раководната позиција на Центарот, но за одлуката разбрала преку „усно предание“.

Навистина немам добиено писмено решение за моето разрешување од раководителка на Центарот за глобални промени и официјално не знам која е причината за таквата одлука на Деканската управа, едно чудно тело на Филозофскиот факултет. Тоа не е Наставнички совет. Сепак, како што разбрав неофицијално( зашто воопшто немав индиции дека за мене се подготвува вакво нешто и не бев информирана дека конференцијата што се одржа пред два месеца е точка на дневен ред), наводно спорно било дека донациите за конференцијата биле уплатени на моја банкарска сметка, а не преку сметка на Филозофскиот факултет. Вистината е дека јас како раководител на Центарот немам никаков допир со финансиски средства и не сум потпишала ниту еден документ од финансиска природа. Центарот за глобални промени нема правно својство, односно не добива средства од Филозофскиот факултет и сам се финансира преку донации и спонзорства. Како помагач во организацијата на меѓународната конференција што се одржа во октомври, годинава, беше Матицата на иселеници од Македонија, која има потпишано и меморандум за соработка со Филозофскиот факултет, како и договор за организацијата на конференцијата. Информирана сум дека Матицата на иселеници од Македонија доставила и финансиски извештај до Филозофски факултет за организацијата на конференцијата. Сега останува да го добијам решението за мое разрешување за да ги дознаам вистинските причини и аргументи за таквата одлука“, вели професорката Билјана Ванковска.

За време на одржувањето на конференцијата, професорката Ванковска укажа на несоодветниот медиумски интерес за глобалните теми и предизвици кои беа предмет на интерес во дискусиите.

Ј.П.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ