„Денеска да поддржиме одлука или да почнеме процес за набавка на автобуси само за Скопје, истите ќе бидат испорачани за следната учебна година. Ние стоиме на располагање да слушнеме план, да го поддржиме тој план, но ако е планот ‘гласајте да земеме кредит за да набавиме автобуси коишто ќе стигнат догодина’, тоа нема да го реши проблемот којшто денеска го имаат скопјани“, изјави Мицкоски на денешната прес-конференција во Владара.
Во оваа смисла премиерот додаде дека проблемот се решава со мобилизација во Јавното сообраќајно претпријатие со, како што рече, вистинско и наменско трошење на средствата кои скопјани преку градската каса му ги даваат како субвенција на ЈСП. Но тоа, додава, не може да го стори Владата, туку Град Скопје, т.е. менаџментот на ЈСП.
Набавката на 250 нови автобуси е дел од програмата на актуелната скопска градоначалничка, која ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа на локалните избори во 2021 година.
„Ние понудивме уште тогаш кога сè уште бевме во коалиција со независниот кандидат госпоѓа Арсовска, понудивме решение дури и компанија којашто ќе отвори фабрика, електрични автобуси, но тоа остана на иницијатива само на едната страна. Немавме соговорник и партнер од другата страна за сето ова да продолжи“, додава Мицкоски.
Премиерот вели дека како Влада можат системски, а не парцијално да ги решаваат проблемите. Во оваа смисла кажа дека размислуваат да се направи пакет за сите општини, вклучувајќи го и градот Скопје, кои имаат потреба од организиран јавен градски превоз за набавка на автобуси.
„Ако на Скопје му требаат 250 автобуси, за што се сложувам, сигурно и на другите градови во Македонија им требаат уште 250 автобуси. Системски како Влада можеме да ги решаваме проблемите, а не парцијално. Ќе ги решиме во зависност од потребите, нема да останат нерешени“, додава премиерот.