четврток, 12 декември 2024

Признавањето на Палестина, предизвик што Левица му го постави на Собранието

На 7 октомври пратеничката група на Левица ја поднесе декларацијата за признавање на Палестина во Собранието на Македонија. Иако помина повеќе од еден месец од поднесувањето на предлог-декларацијата за признавање на Палестина, овој предлог сè уште се нема најдено на дневен ред за расправа во Собранието.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Тогаш, пред повеќе од еден месец, пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, истакна дека „со оваа декларација уште еднаш изразуваме поддршка за правото на палестинскиот народ на самоопределување, како основно човеково право загарантирано со меѓународното правo и принцип водилка на сите народи што се борат за слобода и независност“.

Во образоложението за предлог-декларацијата на Левица беше истакнато дека палестинскиот народ со децении е жртва на ционистичкиот режим што спроведува систематски колонијализам и етничко чистење.

„Признавањето на независноста на Палестина е важен чекор кон исправање на историските неправди нанесени на овој народ. Политиките што ционистичкиот режим ги спроведува врз Палестинците не се ништо помалку од апартхејд. Систематската гетоизација и конфискација на земјиштата на Палестинците се само дел од дејствијата што ја продлабочуваат окупацијата. Во овие мигови се случува и геноцид врз палестинскиот народ во Газа. Незамисливото насилство, лишувањето од основните услови за живот, бомбардирањето домови, убивањето цивили вклучувајќи деца се јасни докази за воени злосторства и злосторства против човештвото“, посочи Мециновиќ, нагласувајќи дека „со оваа декларација Македонија ќе му се приклучи на светското движење за признавање на палестинската независност“.

Иако помина повеќе од еден месец од поднесувањето на предлог-декларацијата за признавање на Палестина, овој предлог сè уште се нема најдено на дневен ред за расправа во Собранието.

Поради некои наводно технички пропусти, декларацијата за признавање на Палестина што ја поднесе пратеничката група на Левица три пати ни беше враќана на доработка од спикерот на Собранието. Сега, од тој технички аспект, декларацијата е уредна и според некои укажувања би требало да се најде на дневен ред на некоја од декемвриските седници на Собранието“, вели за МKД.мк пратеникот на Левица Амар Мециновиќ.

За усвојување на декларацијата, која сега е со статус на предлог, потребно е таа да ја мине прво комисиската расправа, пред да дојде на дневен ред на пленарна седница во Собранието, и секако да има поддршка од мнозинство пратеници. Пратеничката група на Левица има шест пратеници, па јасно е дека треба да ја добие поддршката од поголемите пратенички групи, по можност од мнозинството.

Потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, кој е дел и од најголемата пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека сè уште немаат заземено став за оваа предлог-декларација, ниту како пратеничка група, ниту во партијата.

Кога ќе дојде на дневен ред за расправа, секако дека ќе расправаме и ќе изградиме став и во партијата и како пратеничка група. Но претходно, предлогот треба да помине низ расправа во собраниската Комисија за надворешна политика, која ја води Муса Џафери од ДУИ. Значи, тој како претседател треба да закаже комисиска расправа за предлог-декларацијата. Но за одлуката дали ќе ја поддржиме декларацијата за Палестина, секако прво треба да видиме што конкретно е напишано во неа. Ако, условно кажано, текстот е на линијата на официјалниот став на македонското МНР за палестинското прашање (кој постои веќе дваесетина години) за т.н. „решение за две држави“, големи се шансите предлог-декларацијата да добие поддршка. Таа солуција за две држави, како решение за израелско-палестинското прашање е впрочем и деклариран став на најголемиот дел од меѓународната заедница и земјите-членки на ЕУ. Сепак, треба да се види текстот на предлог-резолуцијата, како е срочена содржината, за конечна одлука за нејзина поддршка. Но прво да дојде на дневен ред во Собранието“, вели Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, велат дека сè уште немале увид во текстот на предлог-декларацијата за Палестина на Левица.

Ќе имаме став како пратеничка група за таа предлог-декларација за Палестина кога ќе дојде на дневен ред. Сè уште сме немале увид во текстот на предлог-декларацијата. Сега сме најмногу сконцентрирани на расправата за буџетот“, кратко одговори пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска.

Иницијативата на Левица и очекуваната поддршка во Собранието на нивната предлог-декларација за признавање  на Палестина се пред сè во насока да изразат активен став на некој македонски политички чинител за геополитичките случувања.

Не очекуваме од ВМРО-ДПМНЕ да ја поддржат декларацијата, според тоа што премиерот Мицкоски избегнуваше да одговори на пратеничко прашање за признавање на Палестина. Впрочем, ВМРО-ДПМНЕ и не се снаоѓа многу во прашањата на геополитиката. Не очекуваме ни поддршка од СДСМ, кои се прикажуваат како прозападно ориентирани. За албанските партии имаме информации дека имаат голем притисок од базата за признавање на Палестина, па сметаме дека од нив би можеле да добиеме поддршка. Сепак со оваа декларација покажуваме дека некоја македонска политичка партија има активен став за геополитичките случувања“, вели Амар Мециновиќ од Левица.

Во јули годинава од Владата соопштија дека немаат донесено конечна одлука за признавање на Палестина, „но ова прашање останува на дневен ред и ќе продолжиме да работиме со целосно почитување на меѓународното право и принципите на ОН“.

Одлуки за признавање држави носи Владата, но декларација на Собранието секако е важен аргумент за таков политички потег со меѓународни импликации.

Јасминка Павловска

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ