Сосема новиот БМВ серија 5 има најголеми димензии до сега и е долг 5.060 милиметри, а има и рекордно меѓуоскино растојание од 2.995 милиметри. Предниот дел го красат нови фарови со речиси вертикални дневни ЛЕД светла, и има нормални „бубрези“ за разлика од „зајачките заби“ на серија 7.
Може да се нарача и М аеродинамичен пакет, како и негова „про“ верзија со повеќе црни акценти. На задниот дел се карактеристичните светла во облика на буквата „L“ со дополнителни хромирани лајсни.
Бројот на копчиња во ентериерот е редуциран, но без влијание на функционалноста. Останува карактеристичната ориентација на БМВ на инструмент-таблата кон возачот со закривените екрани со големина од 12,3 и 14,9 инчи.
За удобноста во возењето се задолжени специјално прилагодените системи за амортизација, а покрај стандардниот пакет има и опциски Адаптив саспеншн профешнал кој има електронагодливи амортизери, интегрално активно управување како и активни стабилизатори.
За почетокот на продажбата се спремни четирицилиндерски бензински и дизел мотори со благ хибриден систем: 520и, 520д и 520д икс-драјв. Бензинската верзија има 208 коњски сили, а дизел верзијата 197 коњски сили. За почетокот на 2024 година се подготвуваат шестцилиндерски мотори, дизелски и бензински, како и плагин хибридни верзии 530е и 550е икс-драјв.
Првата целосно електрична БМВ серија 5 ја носи ознаката и5, а основната верзија е означена е-драјв40. Погонскиот електромотор е поставен назад и има сила од 340 коњски сили. Извор на енергијата е високонапонска батерија со капацитет од 81,2 киловат часови и овозможува радиус од 477 до 582 километри по ВЛТП стандардот.
Од самиот старт е достапна посилната верзија М50 икс-драјв со два електромотори со вкупна сила од 601 коњска сила, вртежен момент од 820 њутнметри и забрзување од 0 до 100 км/ч за 3,8 секунди.
Производството на новата серија 5 на БМВ почнува во октомври оваа година во најголемата фабрика во Динголфинг во која се произведуваат сите компоненти, и високонапонските батерии и електромоторите.