среда, 11 декември 2024

Претседателката на Македонија го потсети словенечкиот амбасадор дека критериумите за македонските евроинтеграции треба да бидат исти како за другите кандидати

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска го прими амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер, соопшти нејзиниот кабинет.

Објавено на

часот

Сподели

На средбата беа разменети мислења во однос на пристапниот процес на земјава за членство во Европската Унија, при што претседателката порача дека македонските евроинтеграции е неопходно да се базираат на критериумите кои важат за другите кандидати.

Во таа насока, Силјановска-Давкова го реафирмираше ставот дека евроинтеграцискиот процес на земјава треба да се одвива согласно принципот на заслуги и со доследно спроведување на Копенхашките критериуми.

На средбата соговорниците изразија подготвеност за натамошно интензивирање на билатералната соработката и заедничко регионално дејствување со цел економски просперитет и справување со глобалните предизвици.

Беше констатирано дека Словенија е еден од најзначајните трговски партнери и инвеститори во земјава, но дека потенцијалите за економската соработка не се до крај искористени, со што нејзиното интензивирање треба да биде еден од главните приоритети на двете земји во иднина.

Двајцата соговорници ја потврдија посветеноста за натамошна соработка и во рамки на меѓународните организации и промовирање на заедничките вредности на демократијата, мирот и одржливиот развој на глобалната сцена, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателката Силјановска-Давкова.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ