„Апелираме до ВМРО-ДПМНЕ да не се шират лаги, манипулации и дезинформации во врска со расправата по однос на предлог-буџетот за 2025 година и тоа од страна на неписмени и нестручни лица кои некако стигнале до микрофон и камера.
Предлог-буџетот се доставува до Совет на општините, седум дена пред расправата за истиот. Ова е предвидено со закон и важи за сите единици на локалната самоуправа.
Согласно глупавата логика на анонимуси од ВМРО-ДПМНЕ без буџет за следната година ќе останат и во ‘мрак’ ќе бидат и општините каде раководат кадрите на ВМРО ДПМНЕ, кои исто до денес немаат доставено предлог-буџети за 2025 година.
Предлог-буџетот кој ќе го претставиме пред Советот е развоен и инвестициски, а граѓаните на градот Скопје ги повикуваме да не наседнуваат на лагите на анонимуси“, се вели во реакцијата на одделението за односи со јавност на Град Скопје.
Но претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески смета дека за псевдонимот „Град Скопје“ се „крие“ градоначалничката Данела Арсовска и за тоа реагира со објава на мрежата Х, во која наведува дека тоа е „кулминација на манипулациите и ароганцијата на Арсовска“.
„Градоначалникот Данела Арсовска деновиве ја пее својата ‘лебедова песна’. На аргументираните ставови изнесени на прес конференција од страна на членот на Советот, Стефан Кирков од советничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ, таа повторно криејќи се зад псевдонимот ‘град Скопје’, во соопштение истура куп лаги и гадости, за што најмалку што може да направи е јавно да му се извини на господинот Кирков.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ преку советникот Кирков ја извести јавноста за непочитување на законски и други прописи кои се однесуваат на процедурата за носење буџет на Град Скопје. Имено, Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа во член 27, ставовите 4 и 5, ја пропишува процедурата за носење буџет на општина, а со тоа и на Град Скопје.
Таму е пропишано дека градоначалникот доставува предлог-буџет за наредната година до советот, во рок утврден со буџетски календар. Советот на град Скопје во март оваа година има донесено буџетски календар за 2024 година, објавен во Службен гласник на град Скопје, каде е предвидена обврска на градоначалникот Арсовска предлог-буџет за 2025 година до Советот да достави најдоцна до 10 декември, а не како што манипулативно се наведува во соопштението,’ седум дена пред расправата за буџет во Совет на град Скопје“.
Дополнително, според буџетскиот календар најдоцна до 20 октомври 2024 година до Советот на град Скопје требаше да се достават за одобрување предлог-програми за развој, кои Советот требаше да ги одобри најдоцна до 15 ноември, по што тие стануваат составен дел на буџетот. До ден-денес градоначалникот Арсовска нема доставено до Советот предлог-програми за развој!
На крај, спротивно на воспоставената практика (и потреба) во Град Скопје во минатото и во општините ширум Република Македонија, членовите на Советот до овој момент, со исклучок веројатно на неколку приврзоци на Арсовска, не биле воопшто информирани за што било и не биле вклучени во ниту една фаза во подготовката на буџетот на Град Скопје за наредната година.
Арсовска треба да сноси одговорност за ваквото несовесно и неодговорно работење кое може да предизвика целосна блокада во функционирањето на градот. Не сакам да верувам дека можеби постои токму таква намера“!, се вели во објавата на Трајко Славески, претседател на Советот на Град Скопје.