Одговорајќи на новинарско прашање, Мицкоски појасни дека прво од септември годинава ќе има зголемување од 2.500 денари, а потоа од март 2025 година уште 2.500 денари.
„Ние ветивме дека во првата година пензиите линеарно ќе бидат зголемени за 5.000 денари. Тоа ќе го направиме многу побргу, односно во првите девет месеци. Ќе видиме понатаму какви ќе бидат состојбите со буџетот“, нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека понатаму може да има пријатни изненадувања за пензионерите, за работниците…
Од опозицијата пак, денеска преку соопштение тврдат дека пензионерите ќе добијат покачување од само околу 1.000 денари што би било ризик за стабилноста на ПИОМ.
„Кога Мицкоски најави покачување на пензиите за 5.000 денари, многу пензионери поверуваа во тоа и очекуваа да се случи, за подобрување на животот во услови на растечки цени на основните потреби. Но, со последната одлука на Владата, пензионерите беа изненадени и разочарани кога разбраа дека на своите сметки нема да имаат дополнителни 5.000 денари во септември. На пензионерите секако им следува покачување на пензиите во септември, а потоа и во март согласно методологијата за постојан раст на пензиите. На тоа покачување кое секеко им следи власта додава само 1.000 денараи а не 5.000 денари како што ветуваше. Оваа разлика од 4.000 денари не е само обичен математички пропуст, туку показател за начинот на кој Владата на Мицкоски сака да ги користи пензионерите како инструмент за политички поени. Многумина пензионери веќе изразија незадоволство од ваквата измама, оценувајќи ја како удар на веќе кревкото доверие во институциите“, велат од СДСМ.