петок, 13 декември 2024

Прекината седницата на собраниската комисија за надзор на АНБ и АР, без утврден дневен ред

Собраниската седница на Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање на која како единствена точка на дневен ред, првично беше ставена Информацијата за незаконското именување на директор на АНБ поднесена од пратеници од опозициската СДСМ, по на моменти жестоката процедурална дебата меѓу власта и опозицијата – беше прекината без да биде утврден дневниот ред.

Објавено на

часот

Сподели

Пратениците од парламентарното мнозинство во процедурална забелешка укажаа дека седницата била закажана без да биде запазаен Деловникот, односно по барање на една пратеничка група без поддршка на точката од една третина од пратениците, и без да бидат информирани сите пратеници на Собранието. Воедно, побараа да се дополни дневниот ред со две точки: како прва и втора точка за посета на АР и на АНБ на 3 декември, односно на 16 декември по изнесените сомневања од страна на премиерот дека бил пруслушуван.

Претседателот на комисијата, пратеникот Скендер Реџепи одби да ги стави двете точки за гласање со образложение дека според Деловникот, може, но и не мора да ги стави предложените точки на гласање и оти ниту тој ниту заменик претседателот на оваа комисија немаат безбедносен сертификат, па затоа не можат да бидат дел од тие посети на двете безбедносни институции.

„ Точката е деловнички свикана, состанокот е деловнички свикан. Можевте да поднесете барање за која било точка, ќе се дискутираше. Жалам што и директорот е тука сега, меѓутоа овие точки јас не можам да ги внесам. Дали е тоа во ред одлучува претседателот на Комисијата, јас од таа причина констатирам дека не може да се има надополнување. Може но не мора. Истото важи и за коалицијата на СДСМ и за коалицијата на мнозинството, јас одлучувам како претседател на омисијата. Не е во ред како претседател на комсијата да не можам да присуствувам на тие посети и овие точки не ги ставам на дневен ред“, рече Реџепи.

Реплицираше Ковачки, дека кога пратеник предлага измена и дополна на дневен ред се става на гласање и одлучува мнозинството, и тоа не може да биде работа на хир на претседателот на комисијата, оти со непочитување на Деловникот ризикува да му биде поднесена интерпелација. По што претседателот на Комисијата Реџепи ја прекина седницата.

На прес-конференциите што уследија по прекинот на работата на комисијата, власта и опозицијата повторно ги соочија неивните ставови околу денешната комисиска седница .

Славјанка Петровска обвини дека ВМРО-ДПМНЕ потврдило дека Бојан Христовски е незаконски именуван за директор на АНБ.

„ Она што денеска го видовме на седницата на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање е чист доказ дека бегаат од соочување со јавноста по ова прашање. Злоупотребувајќи го мнозинството тие денеска спречија одржување седница и расправа за прашања, чии одговори ги чека целата јавност – и македонска и меѓународна. Ова денешно однесување на власта покажува само едно – тиранија на мнозинството и целосно отсуство на демократски капацитет за владеење на правото. Казна за Македонија е вакво праламентарно мнозинство да спроведува реформи на безбедносните служби“, рече Петровска.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски пак на прес-конференција во Собранието ги потвтори партиските ставови дека, како што рече,  „сите заедно бевме сведоци на еден груб обид, несмасен обид од страна на опозицијата на СДСМ и ДУИ и нивните коалициони партнери за грубото кршење на Уставот, законите, процедурите, во овој случај и Деловникот за работа на Собранието“.

„ Имено, како што сите видовте на самата седница која што беше отворена, ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери имаа јасна намера да ја поддржат иницијативата, иако имаше деловнички пречки за истата, иако не беа исполнети условите коишто се налагаат од страна на Деловникот, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржеше иницијативата да се дискутира на оваа точка. Тоа беше недвосмислена намера, тоа јасно го укажавме и јасно го покажавме на самата седница. Она што фрапира е неможноста за една основна потреба за изјаснување согласно деловничките одредби за дополнување на точки на дневен ред. Ниту на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ ниту пак на предлогот на СДСМ, претседателот на Комисијата кој доаѓа од редовите на опозицијата воопшто не дозволи изјаснување на самиот предлог на точките на дневен ред и навистина не ми е јасно зошто колешката има несогласување или нешто не и е јасно. Доколку имаат несогласување со претседателот, доколку имаат револт во однос на работата на Комисијата слободно може да поднесат интерпелација кон претседателот на Комисијата која ние ќе ја поддржиме“, рече Јаревски.

Пратениците на СДСМ го оспоруваат именувањето на директорот на АНБ Бојан Христовски. Сметаат дека Владата не ги почитувала одредбите од законот во кој се пропишани условите за избор на директор на АНБ. Според нив, Христовски нема соодветно стекнато образование, лице кое при реформата не го поминало ветингот заради негова претходна инволвираност во незаконски дејствија на УБК. Дополнително, Христовски, како што се наведува, има лажен сертификат за познавање на странски јазик.

Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека директорот на Агенцијата за национална безбедност ги исполнува условите согласно законот. Во изјава за медиумите дадена на 27 октомври, премиерот ја повика Антикорупциската комисија во најбрз рок да се произнесе по овој случај по обвинувањата од опозицијата дека Христовски не ги исполнува условите да биде директор на АНБ.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ