среда, 11 декември 2024

Предлог-буџетот за 2025 година подготвен за собраниска процедура

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, најави дека предлог-буџетот за 2025 година, денеска ќе биде доставен до Собранието. Притоа вети реална реализација на планираните 50 милијарди денари за капитални инвестиции, а предвидената стапка на раст ја темели на реални инвестиции.

Објавено на

часот

Сподели

„ Буџетот вклучува 50 милијарди денари, односно 830-40 милиони евра за капитални инвестиции. Коридорите 8 и 10 Д, каде министерот репреговара во насока на тоа да имаме реална реализација, се еден од приоритетите,  исто така и општините. Приоритет се и проектите за финансирање на енергетска ефикасност, за олеснување на трговија и транспорт во Западен Балкан, за администрирање на социјалното осигурување, за модернизација на земјоделството, регионален проект за отпад, за подобрување на водна инфраструктура, реконструкција на казнено-поправни установи.  Во Образование, покрај обнова на студентските домови во преговори сме за доизградба на училишта и спортски сали“, изјави Димитриеска Кочоска по брифингот со медиумите.

Коментирајќи ги сомнежите во однос на остварувањето на процентот на раст на БДП од 3,7 проценти, изнесе податоци за претходните години и аргументи за плановите за следната година, потенцирајќи дека реалните инвестиции во годините наназад не изнесувале повеќе од 15 милијарди денари.

Според министерката, проектите за изградбата на автопатот Скопје-Блаце и Кичево-Букојчани покажуваат дека во минатото немало никаков интерес за реализација на капитални инвестиции.

„ Она што бев многу шокирана изминативе денови беше тоа дека имаме одобрено средства за изградба на Скопје – Блаце и Букојчани – Кичево, што се поразлични кредити од она што е сега проектот за Коридорот 8 и Коридорот 10, одобрени уште во 2021 година. И се поставува прашањето зошто не се почнало со реализација на тие проекти. Кој е виновен за тоа? Парите се одобрени, едниот од ЕИБ, а другиот беше чинам од ЕБРД. Значи, два проекти 3-4 години наназад одобрени заедно во соработка со претходната влада. Ова само покажува дека воопшто немало никаков интерес за реализација на капитални инвестиции. Многу било полесно овие 23 милијарди, 30 милијарди трансфери кон јавни претпријатија, акционерски друштва, уништувања на тие друштва и денес креирање на дополнителни проблеми. Е тоа е тоа што ние денес го менуваме. Ваквата политика ни донесе стапка на раст таква каква што имавме во минатото, а ние нашата стапка на раст ја темелиме на реални инвестиции“, наведе Димитриеска Кочоска.

При проектирањето на буџетот, имало големи барања од страна на министерствата, а доколку биле вклучени сите барања посочи дека буџетскиот дефицитот ќе изнесувал 13,5 проценти односно над две милијарди евра.

Како што информира министерката, во предлог-буџетот има зголемување од 3,5 милијарди денари на ставката – плати, 2 милијарди зголемување во блок дотации, кои се за образование повеќе, во делот на Фондот за здравство зголемување од 5,2 милијарди денари, кои треба да ги обезбедат дополнително платите на здравствените работници и плус на тоа има бафер од 2 милијарди денари за функции на државата, средства коишто ќе можеме да бидат намалени откако ќе се знае што е постигнато и договорено на Социо-економскиот совет, којшто го предводи министерот за економија.

Планирани се 15 милијарди денари зголемување на ставката на пензии, уште 2 милијарди денари зголемување кон Фондот за здравствено осигурување по овој основ. Тоа се средства коишто, како што растат пензиите, така треба процентуално да се зголемуваат и кон Фондот за здравствено осигурување.  Кај социјалните трансфери  има околу 500 милиони денари зголемување во однос на ребалансот на буџетот, а од проектите што треба да ги воспостави Министерството за социјална политика, министерката за финансии рече дека очекува со воведување на единствен регистар за податоци да има правилно искористување на средствата наменети за социјална помош.

Владата на седница во вторникот го усвои Предлог буџетот за 2025, со проектирани приходи во вредност од 5,8 милијарди евра и расходите 6,5 милијарди евра. По доставувањето во Собранието, следува 10-дневна расправа во матичната Комисија за финансирање и буџет. Буџетскиот дефицит е проектиран на четири проценти, а инфлацијата  2,2 проценти.

На брифингот со министерката за финансии беше наведено дека Министерството за финансии и комерцијалните банки разговараат за рокот на отплата на кредитите за приватниот сектор, откако е постигнат договор за дефинирање на каматната стапка и нејзиното субвенционирање од страна на државата, која се јавува како посредник со цел да се охрабрат компаниите да инвестираат во земјава,

„ Разговорите со банките ги почнавме некаде од август. Пред две недели го постигнавме договорот во насока на дефинирање на каматната стапка и нејзиното субвенционирање од страна на државата, како што било впрочем и во минатото. Од 2011 година навака има многу кредитни линии коишто се поминати преку Владата, односно Министерството за финансии, дадени на приватниот сектор, каде што субвенционирањето било од страна на државата. Ние пробавме да направиме обид со банките, барем да го поделиме тој трошок. Но тие сметаат дека за ризикот што го преземаат, имаат право да инсистираат каматата да ја покриеме комплетно ние. И на крајот се согласивме“, рече Димитриеска-Кочоска во изјава за медиумите.

Министерката истакна дека отворено е прашањето за рокот на отплата на кредитите, каде државата бара продолжување на роковите од седум на петнаесет години.

„ Она што е како отворено прашање по кое што сè уште разговараме, тоа е рокот на отплата. Ние баравме рокот на отплата да биде 15 години со вклучени 3 години грејс-период, согласно интерни процедури и политики на банките. Тие имаат рокови на отплата од 7 до 10 години и оставивме простор тука да видиме како ќе се договориме во насока на тоа дали може да го продолжат рокот за отплата на кредитите, затоа што целата оваа суштина и ова учество на државата во одобрување на кредитите е токму насочено кон тоа да се одобрат кредити на приватниот сектор на еден подолг период, односно подолг период на отплата да има, затоа што сметаме дека така ќе се охрабрат уште повеќе кога ќе знаат дека во годината оптоварувањето е помало, ќе се охрабрат повеќе да инвестираат, тоа беше нашата идеја“, посочи Димитреска-Кочоска. 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ