Јавноста ќе биде известена за одлуката на Јавното обвинителство Велес, информира денеска за медиумите Цветанка Боговеска, јавна обвинителка за подрачјето на Општина Велес.
Таа појасни дека СВР Велес во петокот, 6 декември, во Јавно обвинителство Велес испратил известување за случен кривично правен настан со предизвикана тешка телесна повреда на 12-годишно дете, ученик во ООУ„Блаже Конески“, од страна на врсник и соученик.
Известувањето за кривично-правниот настан на полицијата се темели на член 131 од Кривичен законик.
Станува збор за настан којшто на 20 ноември годинава се случи во ООУ„Блаже Конески“ кога за време на училишен одмор 12-годишен ученик повреди соученик и му нанесе тешка телесна повреда на главата.
Повредениот ученик од Општата болница во Велес беше итно пренесен на Клиниката за неврологија во Скопје и по неколкудневно болничко лекување беше пуштен на домашно лекување.